Медитеранската диета веќе години наназад се поврзува со здравствени придобивки. Новата студија сугерира намалување на стапката на смртност за 23 отсто кај жените кои ја практикуваат медитеранската исхрана.
Податоците за 25.315 жени следени во текот на 25 години покажуваат дека оние чии навики во исхраната редовно се усогласувале со медитеранскиот модел, имале повеќе од петтина помали шанси да умрат од кој било причинител во текот на периодот на истражувањето, во споредба со оние кои не ја практикувале медитеранската диета.
Дополнително, научници од „Brigham and Women’s Hospital“, која е дел од Медицинскиот факултет на Харвард, успеале да идентификуваат биолошки промени кои можат да објаснат зошто медитеранската исхрана е поврзана со долголетство.
„Нашата студија покажува дека жените кои сакаат да живеат подолго треба да обрнат внимание на исхраната,“ вели кардиологот Самија Мора од споменатата болница.
„Добрата вест е дека следењето на медитеранскиот модел на исхрана може да доведе до намалување на ризикот од смрт за околу една четвртина во текот на повеќе од 25 години, а зборуваме за рак и кардиоваскуларна смртност бидејќи тоа се главните причини за смрт кај жените и мажите во Америка и низ светот,“ рекла д-р Мора.
Медитеранската исхрана се базира главно на јаткасти плодови, семки, овошје, зеленчук, цели зрна и мешунки, со маслиново масло како главен извор на масти. Протеините можат да дојдат од мали количества риба, живина, млечни производи и јајца. Црвеното месо, преработената храна и алкохолот се сведени на минимум.
Истражувачите разгледале бројни биомаркери во телото, откривајќи дека главните придобивки од исхраната се во метаболичките и воспалителните процеси, кои помагаат телесните функции да се одржуваат нормално.
Исто така, дошло до подобрување на крвниот притисок и инсулинската резистенција кај оние на медитеранска исхрана, во споредба со оние со различни навики во исхраната. Се чини дека сите овие повеќекратни фактори придонесуваат за заштита од предвремена смрт.
Важно е да се има на ум дека студијата вклучувала главно бели, средовечни и постари жени, кои сите биле образовани здравствени работници. Освен анализата на биомаркерите, податоците биле собирани преку самопријавување, додека методот не бил дизајниран да утврди причинско-последични врски.
Меѓутоа, големата обемниот примерок и долгиот период на следење, заедно со други студии во оваа област кои укажуваат на слични заклучоци, сугерираат дека медитеранската исхрана навистина би можела да ни помогне да живееме подолго – и почнуваме да разбираме зошто.
„Здравствените придобивки од медитеранската диета ги признаваат медицинските стручњаци, а нашата студија нуди увид зошто исхраната е толку корисна,“ вели Мора.
Истражувањето е објавено во JAMA Network Open