На социјалните мрежи постојано се појавуваат нови трендови кога станува збор за здравјето и исхраната, од брзи диети до волшебни напитоци кои ветуваат решавање на проблемите.
Последен таков хит е кортизол моктел, освежувачки и безалкохолен коктел за којшто се зборува дека е наш голем сојузник против стресот и уморот. Интернетот е преплавен со рецепти и искуства од корисниците кои тврдат дека овој напиток им ја враќа енергијата и помага полесно да го поминат денот.
Кортизолот е познат и како хормон на стресот, природно се лачи во телото кога ќе се најдеме во непријатни ситуации и предизвикува реакција „бори се или бегај“.
Умерените количини се корисни, но премногу кортизол може да предизвика низа здравствени тегоби, од надуеност, проблеми со видот и губење на косата, па до зголемен крвен притисок, затнување на крвните садови и хроничен умор.
Токму затоа овој напиток предизвикува големо внимание, а многумина веруваат дека може да помогне во балансирање на хормоните и да придонесе во опуштање.
- 1 шолја кокосова вода;
- Сок од половина лимон;
- Една четвртина шолја сок од портокал;
- 200 милиграми магнезиум;
- Четвртина лажичка морска сол;
- Минерална вода.
На Тик Ток една корисничка го споделила своето искуство и кажала дека го пие овој напиток неколку пати неделно за да ги ублажи последиците од стрес, особено оние поврзани со менопауза. Видеото набрзо станало вирално и добило милионски прегледи.
Сепак, експертите предупредуваат дека не треба да очекувате чуда.
Маура Донован објаснува:
„Самиот напиток не може директно да го намали кортизолот, но може да му помогне на телото природно да го регулира нивото на стрес. Кокосовата вода ги враќа електролитите, витаминот Ц од цитрусот ја поддржува работата на надбубрежната жлезда, морската сол помага во хидратацијата, додека пак магнезиумот учествува во бројни процеси во организмот, од опуштање на мускулите до синтеза на серотонин и мелатонин“.