Земјите во кои живеат нордиските народи секогаш се на врвот од листата за најдобри места за живот на деца, а во тоа тие да бидат среќни им помага и државата и пристапот на нивните родители во воспитувањето.
Од година во година читаме резултати од истражувањата кои покажуваат дека детството навистина е најсреќно во Скандинавија.
На првото место на листата најдобри земји за одгледување деца задолжително се Норвешка, Данска, Финска и Шведска, а анализите покажуваат дека најсреќните деца растат токму во тие држави.
Очигледно мајките и татковците во скандинавските земји знаат нешто што останатиот дел од светот не го знае, па нѐ интересира што е тоа што го прават тие како родители.
Во Норвешка чувањето деца не е само пристапно, благодарение на субвенциите туку и високо квалитетно и достапно за сите.
Децата во оваа земја од година дена одат во „barnehage“, установа во рамките на системот на раното образование и нега каде сѐ е насочено кон играта. Децата тука не учат многу работи на памет туку растат развивајќи ги општествените вештини и емоционалната интелигенција.
Сигурно сте слушнале дека децата во Скандинавија спијат во снег и го поминуваат времето во природа и по најниските температури. Секоја активност која ја извршуваат надвор од дома може да биде корисна за моторичкиот развој на детето, вклучувајќи и скокање, а психолозите велат дека тоа им помага на децата да веруваат во себе и своите способности, да учат да ги решаваат проблемите, да бидат охрабрени да истражуваат.
„Во Скандинавија природата не е луксуз, тоа е потреба“, вели Линда Окесон Мегурк, па додава: „Играта на отворено не е право на избор“.
Објавите на социјалните мрежи на кои родителите го претставуваат својот живот и деца совршен не се толку чести во скандинавските земји како во останатиот дел од светот.
Мајките и татковците во нордиските средини имаат помирен пристап којшто е фокусиран на тоа децата да пораснат во емоционално стабилни луѓе, а не успешни. Доколку станат успешни, тоа е резултат на тоа што децата биле доволно самоуверени и слободни да истражуваат, учат и да се усовршуваат.
Во Скандинавските земји не се смета за херојски чин доколку таткото оди на отсуство за да се грижи за децата. Тоа е нешто целосно нормално.
Поголем дел од татковците во првата година од раѓањето на детето тоа го прават, а ова рано поврзување ги поставува темелите за рамноправно заедништво на родителството во подоцнежните возрасти на детето. И што е клучно, помага во создавање култура во која одговорноста за одгледување на детето не е само обврска на мајката.
Книгата на Џесика Џоел Александер и Ибен Дисинг Сандал – „Дански начин на родителство“ е бестселер којшто се занимава со основните родителски принципи вкоренети во данската култура од кои многу се заеднички за нордиските народи.
Еден особено се истакнува – идејата мајката и таткото „активно да ја подучуваат емпатијата“, што се смета еднакво важна како учењето на детето да чита и пишува. Прво тоа се постигнува низ игра која е одлична можност детето да ја вежба емпатијата, така што ќе му помогне на другар во неволја, ќе ги дели играчките со него или на некој начин ќе волонтира.