Селфито со другарката ѝ ја открило мрачната семејна тајна, криена 17 години

Кармин

30/10/2019

14:56

11.831

Големина на фонт

а а а

Животот на Мише Соломон, во тоа време средношколка од Кејптаун, од темел ѝ се променил во 2015 година откако во нејзиното училиште пристигнала нова ученичка.

На 17-годишната Соломон, соучениците ѝ велеле дека новата ученичка Кесиди Нурс изгледа речиси идентично како неа. На почетокот не придавала многу значење на ваквите озборувања, но кога ја запознала, Мише тврди дека почувствувала некаква поврзаност со неа, а не ни претпоставувала дека ќе открие мрачна семејна тајна, стара речиси колку неа. 

“Се чувствував како да ја познавам. Тоа беше прилично застрашувачки, немав поим зошто се чувствував така”, раскажала Мише за BBC.

Тие започнале да се дружат и се нарекувале “сестра” една со друга. Кога во една прилика направиле заедничко селфи, некој ја прашал Соломон дали е сигурна дека не е посвоена.

Селфито им го покажале и на родителите. Мајката и таткото на Мише коментирале дека тие навистина личат, но родителите на Кесиди се вознемириле и побарале да ја праша својата другарка дали е родена на 30-ти април 1997 година.

“Да, зошто? Зарем ме шпиунираш”, ја прашала Мише.

Неколку недели подоцна, Мише била повикана во канцеларијата на директорот каде ја дочекале двајца социјални работници. Тие ѝ кажале дека пред 17 години, од родилиштето во Кејптаун било украдено бебето Зефани Нурс, старо само три дена. Соломон се шокирала кога ѝ кажале дека таа би можела да биде тоа бебе.


“Мојот живот излезе надвор од контрола”

Тинејџерката им посочила на социјалните работници дека е родена во друга болница, а тие ѝ објасниле дека во болницата која ја навела не постојат податоци за нејзиното раѓање. Уверена дека станува збор за грешка, Мише се согласила да направи ДНК тестирање.

“Толку верував дека мојата мајка никогаш не би лажела за нешто такво. Се согласив да направам ДНК тест, уверена дека резултатот ќе биде негативен”, вели Мише.

Се покажало дека не била во право – тестот покажал дека токму таа е Зефани Нурс.


“Бев во шок. Мојот живот излезе надвор од контрола”, раскажала таа.

Освен што веста за тоа дека украденото дете е пронајдено речиси 20 години подоцна се проширила низ медиумите, Мише не смеела да се врати во семејниот дом. Ѝ биле потребни уште три месеци да стане полнолетна за да може да донесе сопствени одлуки, а дотогаш морала да живее во побезбеден дом. Освен тоа, жената која целиот живот ја сметала за мајка, Лавона Соломон, била уапсена. Таткото Мајкл Соломон бил испрашуван од полицијата за да дознаат дали тој учествувал во грабнувањето.


“Мислев дека е моја. Како е можно да не е?”, се прашувал тој. Бидејќи полицијата не можела да докаже дека тој учествувал во грабнувањето на Мише, бил пуштен на слобода.

Лавона пред грабнувањето на детето била трудна, но се смета дека го скрила спонтаниот абортус и почнала да лажира бременост, а на крајот ја украла Зефани и се преправала дека е нејзина. Биолошките родители на девојката, Селест и Морне Нурс, никогаш не престанале да го бараат своето украдено бебе, а потоа се утврдило дека таа живеела на само 5 километри од нив. Со родителите се сретнала во присуство на социјални работници.


“Ме прегнуваа и плачеа. Не ми беше пријатно. Ги оставив бидејќи ми беше жал поради сè низ кое поминале. Тажно е, но не чувствував ништо”, признала Мише.

Жената која ја одгледала, на судењето тврдела дека детето ѝ го дала жена по име Силвија, но не постојат никакви докази дека таа некогаш постоела. Освен тоа, на судењето се појавил сведок кој ја идентификувал Лавона како жена која ја видел како го носи бебето. Лавона е осудена на 10 години затвор, а Мише ја посетувала во затворот.


“Ја гледав мојата мајка во затворска униформа и тоа ми го кршеше срцето. Постојано плачев”, изјавила девојката, но и признала дека ѝ простила сè и дека едвај чека таа да излезе од затвор.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk