Можеби сте слушнале за различни стилови на родителство именувани по животни, па така постои слоновско или панда родителство, а најновиот тренд е именуван по коалите. Иако терминот е релативно нов, клучните карактеристики и филозофијата зад овој пристап кон родителството постојат со децении.
Многумина го изедначуваат коала родителството со родителство поврзано со бебиња, кое го измислил д-р Вилијам Сирс во 1980-тите, а кој препорачал седум клучни принципи во својот пристап кон воспитувањето на децата, меѓу кои: поврзување од раѓање, доење, носење на бебето, спиење заедно со детето, реагирање на плачот на бебето и претпазливост во врска со секаков вид воспитување, спиење и сл. Денешните коала родители се лабава интерпретација на тој стил на родителство.
„Исто како мајката коала и нејзиното младенче, родителите коали ја ставаат на прво место блискоста со своето дете и се неверојатно грижливи и чувствителни на потребите на своето дете“, објасни д-р Лилит Ајрапетјан, клинички психолог во Лос Анџелес, специјализирана за ментално здравје на мајките.
Оваа филозофија на родителство е фокусирана на градење емоционална сигурност и блискост помеѓу родителот и детето и се базира на теоријата на приврзаност. Ова значи дека родителите коали работат на градење здрави, сигурни врски со своите деца, што ќе им користи додека растат.
„Истражувањата покажуваат дека високо чувствителните старатели, особено во текот на формативните години на животот на детето, им помагаат на децата да изградат вештини на емоционална регулација, поздрави односи подоцна во животот, подобра отпорност и уште многу нешта“, додаде д-р Ајрепетјан.
Овој тип родител генерално има блиска врска со своите деца и обично постои силна емоционална врска помеѓу родителот и детето.
Овој стил на родителство инсистира на блискост, брза реакција и присуство – и физичко и емоционално – кон што се стремат многумина денешни родителни, наместо кон поавторитарни рутини.
Но, тоа не значи дека овие карактеристики се врежани во камен – родителите кои сакаат да го прифатат коала стилот на родителство можат да направат тој да биде корисен за нивната лична семејна динамика следејќи некои лабави насоки.
На пример, родителите коали не само што им даваат приоритет на честата физичка наклонетост како галење и прегратка, туку постои и изобилство на емоционална топлина. Еве некои други карактеристики што родителите коали често ги покажуваат.
– Тие брзо реагираат на плачот на своето бебе: Како и родителството што го советувал д-р Сирс, родителите коали реагираат на плачот на своето бебе и избегнуваат да го остават да се исплаче;
– Тие брзо реагираат на сите емоции на детето и ги задоволуваат неговите потреби. На крајот, родителите го учат стилот на комуникација на своето бебе и интуитивно разбираат што му треба;
– Тие често го држат, прегрнуваат и галат детето;
– Носење на бебето: Исто како и вистинските коали, родителите често ги носат своите бебиња во различни носилки и секогаш ги земаат в раце ако плачат или се вознемирени;
– Спиење во близина: Родителите коали спијат со своето бебе во иста соба, често додека не наполни една година. Ова е во согласност со препораката на Американската академија за педијатрија (AAP) дека бебињата треба да спијат во иста соба, но во свој кревет, барем во првите шест месеци од животот.
– Тие обезбедуваат нежно водство: Како што расте нивното дете, родителите коали се стремат да ги насочуваат своите деца и да одржуваат топла комуникација, наместо строга дисциплина. Тие генерално претпочитаат да користат поддршка и позитивни примери;
– Родителите коали се исто така успешни во обезбедувањето на поддршката што им е потребна на своите деца, дозволувајќи им безбедно сами да истражуваат.
Овој родителски метод помага да се изгради чувство на независност, а воедно дава приоритет на блискоста и поврзувањето што доаѓаат со овој стил на родителство.
Најголемата предност на овој стил на родителство е тоа што поддржува здрав емоционален развој и врска помеѓу родителот и детето. Иако нема многу специфични истражувања, некои студии покажале дека градењето приврзаност со детето од рана возраст е корисно.
На пример, научниците откриле дека децата со безбедна приврзаност имаат тенденција да бидат поотпорни и покомпетентни како возрасни, додека оние без безбедна врска може да имаат проблеми со воспоставување контакти со другите, честопати се недоверливи и немаат самодоверба.
„Родителите коали и нивните деца обично имаат силна емоционална врска, каде што детето се чувствува поддржано и згрижено. Децата на овие родители, исто така, имаат тенденција да имаат силна емоционална регулација и вештини за справување“, објасни Ајрапетјан.
Дополнително, децата кои се емоционално поврзани со своите родители честопати имаат понапредни јазични вештини и намалено ниво на стрес подоцна во животот.
Застапниците на коала родителството се согласни дека овој стил на родителство се темели на емпатија, доверба и безбедност.
Иако овој стил на родителство може да биде корисен за развојот на детето, тој може да биде и физички и емоционално напорен. Нормално е родителите да се чувствуваат исцрпено кога секогаш се достапни за задоволување на емоционалните потреби на своето дете како и да бидат физички блиски во секој момент.
Всушност, не е невообичаено тие повремено да чувствуваат незадоволство, особено ако детето е многу приврзано, и особено ако имаат други деца или во моменти на голем стрес. Во такви моменти, психолозите советуваат, родителите да не се чувствуваат виновни ако користат друг метод кога имаат потреба од олеснување.
Родителите исто така можат да паднат во стапицата на обидот да бидат совршени родители и да се обесхрабрат кога не можат да сфатат што му треба на нивното бебе или кога мора да го поделат своето време со другите деца или одговорности надвор од родителството.