Иако познатите ѕвезди, инфлуенсерки и трендсетерки со години ги носат, тие сега доживуваат големо враќање и стара слава, а можат да се пронајдат во различни варијанти.
Доколку ги следите модните трендови или трендовите за убавина и деновиве сте ги погледнале фотографиите од црвениот килим, ТикТок или Инстаграм профилите на вашите омилени трендсетерки, веројатно знаете дека – панделките за коса се враќаат во мода. Тие повеќе не се само симпатичен додаток за ученички, туку се впечатлив детаљ кој на фризурата ѝ дава ново ниво на елеганција или разиграност, во зависност од стајлингот.
Од друга страна во последните две години голем број познати ѕвезди страсно го промовираа овој женствен моден додаток.
Но, панделките не се резервирани само за романтични жени – „готичарките“ ги носат во кадифени верзии, понекогаш со темна сатенска лента што потсетува на викторијански гламур.
Познатиот фризер Грегори Расел, познат по својата работа со Ања Тејлор-Џој, вели дека панделките се идеален начин да се направи фризурата поспецијална, без многу напор: „Панделката совршено се вклопува со полусобрана коса, ниска неуредна опашка или класична опашка. Ако се плашите дека ќе изгледате премногу стилизирано, додадете малку неуредна текстура за сè да делува спонтано.“
Доколку пак барате специјални додатоци, секако постојат многу стилски шноли и панделки. Но, понекогаш една обична лента е сè што ви треба за да го комплетирате изгледот – само нека биде кадифена, свилена или проѕирна.
Без разлика дали сте љубител на романтични, „edgy“ или минималистички стилови, едно е сигурно: панделките за коса се тука за да останат и совршено се вклопуваат со секоја пролетно-летна модна комбинација.