Легендарниот бразилски фудбалер Роналдо де Асис Мореира (46), попознат како Роналдињо, официјално беше претставен како ново засилување на италијанскиот третолигаш Равена.
Еден од најдобрите фудбалери во историјата на претставувањето изјави дека е среќен што пристигнал.
„Исклучително сум среќен што сум овде, меѓу пријатели. Дојдов да помогнам, да ги мотивирам останатите играчи, да одиграме спектакуларна сезона и да победуваме. Фудбалот отсекогаш ми претставувал чиста радост и воодушевен сум што тој дух ќе го донесам во Равена. Нека почне магијата“, порача 46-годишникот.
Според пишувањата на весникот „Gazzetta dello Sport“, се очекува Роналдињо да одигра најмалку еден официјален натпревар за Равена и така да ја круниса својата богата кариера со потенцијално последниот гол на италијанските терени.
Да потсетиме, Роналдињо двапати беше прогласен за најдобар фудбалер во светот, и двата пати кога настапуваше за Барселона.
Во кариерата освои сè што може да се освои, од Светското првенство со Бразил во 2002 година и Копа Америка. Играше за Гремио, ПСЖ, Барселона, Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро, Керетаро и Флуминенсе.
















