Мусијала: Фудбалска кариера проследена со епилептични напади

Точка

20/08/2026

16:23

428

Големина на фонт

а а а

Слики кои на фудбалскиот терен предизвикуваат страв и вознемиреност: фудбалер лежи на тревата без свест, а колегите од двата тима го опкружиле и го заштитиле од камерите и љубопитните погледи. Вторпат за само три дена, 23-годишниот фудбалер на Баерн, Џамал Мусијала, падна на теренот; по укажаната медицинска помош можеше да замине во соблекувалната.

Апсанси?

Се покажало дека станува збор за еден вид епилептичен напад – апсанс. Апсанс е збор преземен од францускиот јазик („absence“) и во медицината се користи за означување краткотраен епилептичен напад проследен со нарушување на свеста. Лицето може на неколку секунди да го загуби контактот со околината и да делува отсутно: да запре среде движење или разговор, да се загледа во една точка и да не реагира нормално на она што се случува околу него. Нападот најчесто трае само неколку секунди и завршува нагло, без пад или други драматични симптоми. Потоа лицето веднаш се враќа во нормална состојба и често воопшто не е свесно дека нападот се случил.

Апсансите, во потесна медицинска смисла, се карактеристични за генерализираните епилепсии и најчесто започнуваат во детството, особено на возраст меѓу четири и осум години. Често се јавуваат повеќепати дневно, па родителите или наставниците можат да ги забележат како кратки „исклучувања“. Добро реагираат на терапија: кај голем број пациенти со лекови може да се постигне целосна контрола на нападите, а кај детската форма на епилепсија апсансите често целосно исчезнуваат со текот на годините.


Сè уште нема сигурна дијагноза

За дефинитивна дијагноза сè уште е прерано, бидејќи губењето на свеста кај Мусијала не претставува типична слика на апсанс, иако Андреас Шулце-Бонхаге, раководител на Центарот за епилепсија во Фрајбург, за порталот „Sport1“ изјави дека апсансите во одредени случаи можат да имаат и таков тек. Според неговите зборови, за време на апсанс мускулниот тонус може да се намали и да доведе до пад и нарушување на свеста.

Мусијала е во Баерн од 2020 година и е стандарден германски репрезентативец. Се смета за голем талент и одличен офанзивен играч од средниот ред. Сега, секако, сите се загрижени за неговата фудбалска иднина. Д-р Шулце-Бонхаге изјави дека е убеден оти мозочните функции меѓу нападите се целосно во ред. Во такви случаи човек може нормално да ја извршува својата работа, па дури и да се занимава со врвен спорт, пренесува овој експерт.


Добри шанси нарушувањето да се држи под контрола

Постојат многу добри лекови за третман на апсанси, но и на фокални епилептични напади, така што прогнозата е добра без оглед на тоа кој облик на епилепсија на крајот навистина ќе биде утврден кај Мусијала. Кај епилепсијата со апсанси, со овие лекови во 85 проценти од случаите се постигнува целосна контрола на нападите. Тоа значи дека постои одлична веројатност со соодветна терапија ваквите напади повеќе воопшто да не се појавуваат. Доколку, пак, се покаже дека станува збор за фокална епилепсија, веројатноста би била нешто помала, но и натаму би изнесувала речиси 70 проценти. Во двата случаи лекувањето подразбира долготрајна превентивна терапија со лекови.

Мусијала, инаку, минатата сезона на еден натпревар се здоби и со тешка скршеница на малата потколенична коска, проследена со исчашување на скочниот зглоб. Затоа токму сега се наоѓа во фаза во која се обидува да се врати во форма и во нормалниот клупски ритам.