Најтажната приказна од Олимписките игри: Италијанецот го посвети среброто на трагично починатата девојка

Точка

24/02/2026

10:44

768

Големина на фонт

а а а

Триумфот на Олимписките игри е момент на неопислива среќа за секој спортист, врв на кариерата и исполнување на детските соништа. Но, кога италијанскиот скијач Федерико Томасони (28) ја мина целната линија во финалето во ски крос во Ливињо, изразот на неговото лице раскажуваше многу посложена приказна.

Во тој еден поглед кон небото се собраа сета болка, љубов и гордост. Сребрениот медал на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина 2026 година не беше само негов, туку посвета на онаа која повеќе не можеше да биде покрај него.

Финалето во машки ски крос, одржано минатата недела, донесе вистинска спортска драма и големо славје за домашната публика. Во тензична трка славеше Симоне Деромедис, носејќи ѝ на Италија злато, но борбата за среброто беше уште понеизвесна.

Федерико Томасони и Швајцарецот Алекс Фива водеа битка до последниот сантиметар од патеката. Одлуката падна во фото-финиш, а на крајот Томасони беше побрз за само два сантиметри, обезбедувајќи двоен италијански триумф на подиумот.


Додека трибините во Ливињо го славеа успехот на своите репрезентативци, мислите на Томасони беа на друго место. Веднаш по минувањето низ целта, преплавен од емоции, ги подигна рацете и погледна кон небото. Истиот гест го повтори и на подиумот, со медалот околу вратот.

Тоа сребро имаше посебна посвета – беше за Матилда Лоренци, неговата девојка и голема љубов, чиј живот трагично беше прекинат нешто повеќе од една година претходно.

Матилда Лоренци беше талентирана и перспективна италијанска алпска скијачка. Нејзиниот и сонот на Федерико беше заеднички настап на Игрите во Милано и Кортина. Но, тој сон беше брутално прекинат на 28 октомври 2024 година.

За време на тренинг во велеслалом на патеката Граванд Г1 на глечерот Вал Сеналес во Јужен Тирол, деветнаесетгодишната Матилда доживеа тежок пад.


Скиите ѝ се раздвоиле, го изгубила контактот со подлогата и со голема брзина удрила со лицето во замрзнатата патека. Се здобила со фатални повреди на главата, а и покрај брзата реакција и транспортот во болница во Болцано, починала ден подоцна, само една недела пред својот дваесетти роденден. Светот на италијанското скијање остана во шок, а за Томасони започна најтешкиот период во неговиот живот.

По освојувањето на медалот, едвај ги задржуваше солзите додека објаснуваше што значи овој успех за него.

„Бајките постојат“, им изјави на новинарите, а потоа додаде: „Таа беше мојот ветер во грб.“

Томасони призна дека првите месеци по нејзината смрт биле незамисливо тешки. Ја сонувал секоја ноќ.

Медалот, како што рече, за него претставува „затворање на кругот“ и исполнување на нивниот заеднички сон.