[ФОТО] Зоран Јовановски е првиот Македонец кој ќе се натпреварува на Зимската параолимпијада: „Историски чекор за скијачките спортови во Македонија“

Точка

23/02/2026

15:20

379

Големина на фонт

а а а

Скијачката федерација на Македонија со огромна гордост објави дека Зоран Јовановски ќе биде првиот македонски параолимпиец кој ќе настапи на Зимска параолимпијада – Зимските параолимписки игри Милано-Кортина 2026.

„Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја.

Скијачката федерација на Македонија упатува искрена благодарност до целиот стручен тим.


– Тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата
– Вангел Тркаљанов кој го донесе параскијањето во државата и организираше над 20 ски кампови
– Целиот организациски тим и сите кои придонесоа овој успех да стане реалност

Федерацијата останува цврсто посветена на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени“, стои во објавата на федерацијата на социјалните мрежи.

Зимската параолимпијада во Милано и Кортина ќе трае од 6 до 15 март.

Инаку, Јовановски испиша историја и во 2024 година, кога дебитираше на трки од календарот на Светската скијачка федерација.