Како што се приближува Божиќ, децата ширум светот ги прават своите листи со желби за Дедо Мраз, а родителите генерално очекуваат дека на листата ќе пронајдат најнови играчки, електронски уреди или можеби ново домашно милениче.
Но, една мајка останала шокирана и со скршено срце откако прочитала што посакала нејзината осумгодишна ќерка.
Во видео објавено на ТикТок кое трогна милиони корисници, Сузи Боливер, мајка на две деца, ја сподели листата со желби на својата осумгодишна ќерка. На почетокот, листата изгледала сосема нормално за нејзините години: кадифени играчки, розов „iPad mini“ и нови шарени моливи.
Меѓутоа, последните две барања на листата ја откриле тажната реалност. Имено девојчето напишало дека сака „повеќе пријатели“ и „помалку малтретирање“.

„Кога ќе ја добиете листата со божиќни желби на вашата осумгодишна ќерка… Срцето ми се скрши“, напишала Боливер.
Листата со желби на девојчето истакна колку врсничкото насилство е голем проблем во училиштата, а многу корисници ја споделија својата загриженост во коментарите. „Јас предавам во основно училиште. Ова ми го крши срцето“, напишал еден корисник.
Според „Stomp Out Bullying“, секое четврто дете е жртва на врсничко насилство, дури 5,4 милиони деца признале дека отсуствувале од училиште поради страв од малтретирање.

Клиничкиот психолог д-р Лиза Дамур во нејзиниот поткаст „Ask Lisa“ објасни колку се сериозни последиците. „Малтретирањето предизвикува анксиозност кај децата. Ги прави депресивни. Може да предизвика физички симптоми како болки во стомакот или главоболки. На долг рок, гледаме поголема злоупотреба на супстанции, поголема депресија и други трајни ефекти“, објаснила таа.
Експертите од „Anti-Bullying Alliance“ советуваат дека првиот чекор е да го уверите детето дека она што се случува не е негова вина. Најважно е да го „уверите дека нема да направите ништо без претходно да разговарате со него“. Клучот е да дознаете што детето сака да се случи и да му помогнете да идентификува можни чекори и вештини што може да ги искористи за решавање на проблемот.
Откако ќе се направи план, одличен следен чекор е да го вклучите вашето дете во активности надвор од училиштето, како што се спортот или уметноста. Новите средини и новите искуства можат да ја зголемат самопочитта и да ја вратат самодовербата.

Во меѓувреме, се чини дека ќерката на Сузи Боливер стекнала многу онлајн пријатели. Имено многумина понудиле да ѝ испратат честитки и подароци. Заблагодарувајќи им се на сите за поддршката, мајката открила дека ќе ја запише својата ќерка на часови по боречки вештини за да ѝ помогне да ја стекне потребната самодовербата за создавање нови пријателства и залагање за себе.