Царството на италијанската инфлуенсерка се распаѓа: Ја обвинуваат за милионска измама, ѝ се заканува затвор, а на сето тоа ѝ пропадна и бракот

Кармин

27/11/2025

20:25

507

Големина на фонт

а а а

Италијанската блогерка Кјара Ферањи со години важеше за една од највлијателните инфлуенсерки во светот. Нејзиниот блог „The Blonde Salad“ го следеа огромен број луѓе, а парчињата од истоимената колекција се продаваа низ целиот свет.

Сепак, славата и деловното царство на „италијанската Ким Кардашијан“ во последните години почна да се распаѓа. Сето тоа кулминираше со обвинувања за лажна хуманитарна продажба на празнични колачи, а деловната империја која ја градела повеќе од една деценија сега се тресе до темел.

Денес, Кјара Ферањи, инфлуенсерка која загуби милиони, углед и брак, може да добие и до пет години затвор.


Кариерата ја започнала уште за време на студиите, кога нејзиниот блог полн со модни совети и достапни стилски идеи стана вирален. Со зголемувањето на бројот на следбеници, растеа и приходите на Кјара, а нејзиниот профил беше преплавен со фотографии од патувања, луксузна облека и блескав живот.

Кјара го објаснува својот успех како комбинација на влијание и достапни модни предлози.

„Луѓето сфатија дека можат да купат сличен аутфит и да изгледаат подеднакво убаво како во списанијата, а тоа да не ги чини богатство“, раскажуваше таа.


Брзо собра повеќе од еден милион следбеници и почна со соработки со големи брендови како „Victoria's Secret“ и „Pantene“. Стана и првата блогерка која се нашла на насловната страница на списанието „Vogue“.

Кјара брзо стана олицетворение на италијанската it-girl култура. Гардеробер полн со „Chanel“ чанти, постојано присуство на модните недели и гламурозниот живот ѝ донесоа статус на модна икона.

Со сè поголемата популарност, растеа и милионите. Во еден момент, според проценки, Ферањи вредеше околу 40 милиони долари. „Amazon Prime“ ја покани неа и семејството да го снимаат реалното шоу „The Ferragnez“, кое стана огромен хит.

Експертите за ПР ја опишуваа како италијанската Ким Кардашијан: гламурозна, паметна и деловно незапирлива.


Хуманитарен скандал кој ѝ ја уништи кариерата

По години на доминација, Ферањи почнаа да ја засенуваат помлади инфлуенсери од ТикТок генерацијата. Сепак, вистинскиот пад настапи кога се покажа дека хуманитарните кампањи кои ги водеше не биле такви какви што ги прикажуваше.

Во 2022 година, во соработка со производителот на колачи „Balocco“, лансираше празничен колач „pandoro“, кој чинеше дури трипати повеќе од стандардната верзија. Ферањи тврдеше дека целата заработка ќе оди за детската болница во Торино.

Сепак, ветената донација никогаш не била уплатена, што предизвика гнев кај јавноста.


По истрагата, Ферањи беше казнета со милион евра, а „Balocco“ со дополнителни 400 илјади. Во видео што го објави на мрежите, низ солзи тврдеше дека станува збор за „комуникациска грешка“ и дека немала лоши намери. Но, јавноста не ѝ поверува.

Поради притисокот, обвинителството на Милано ја обнови истрагата и подигна обвинение за измама со отежнувачки околности. Брзо се појавија и информации за друга проблематична соработка: велигденски јајца на брендот „Dolci Preziosi“, исто така претставени како хуманитарна акција за деца со аутизам.

Истрагата покажала дека донацијата ја исплатила само компанијата, додека Ферањи во две години заработила околу 1,2 милиони евра и не дала ниту цент на проектните организации.


Судењето започна во септември 2025 година, а таа на второто рочиште на 4 ноември се појави лично и тврдеше дека ќе ја „докаже својата невиност“. Пресудата се очекува во јануари.

Распад на бракот

Скандалот со колачи не беше единствената драма. Точно во тоа време, Ферањи објави дека се разведува од сопругот, раперот Федерико Луча (Федез) тврдејќи дека со години ѝ бил неверен, дури и на денот на свадбата.

Нивната свадба на Сицилија беше медиумски настан на годината: три венчаници „Dior“, снимање за „Vogue“ и огромно внимание од јавноста.


Во бракот, Ферањи доби две деца, синот Леоне и ќерката Виторија. Заедно поседуваа луксузни недвижнини, од пентхаус во Милано до куќа на езерото Комо. И покрај големото богатство, Ферањи не побара алиментација, а договорот за поделба на имот беше постигнат пред почетокот на разводот.

Подоцна, италијанските медиуми пишуваа дека е во врска со Џовани Тронкети од семејството кое го води „Pirelli“, но тие никогаш не го потврдија официјално својот однос.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk