Една наставничка во трето одделение предизвика вистинска бура на ТикТок откако во искрено видео откри дека нејзините ученици не поседуваат основни животни вештини.
Видеото кое собрало повеќе од 5,8 милиони прегледи стана вирално, но и започна глобална расправа за состојбата со денешното образование и улогата на родителите, пишува „Дејли Мејл“.
Во видеото насловено „Што се случува со нашите деца? Ми требаат одговори“, Едвардс ги набројала вештините кои некогаш биле вообичаени, а денес претставуваат проблем на нејзините осум и деветгодишни ученици. На листата најпрво се најде читањето на аналогниот часовник, бидејќи децата, како што тврди таа се потпираат исклучиво на наставниците да им кажат колку е часот.

Потоа го споменала краснописот. Вештината која полека исчезнува. „Што се случило со пишувањето со краснопис? Сакам да пишувам со краснопис. Тоа денес делува како изгубена уметност. Повеќе не се учи во училиштата. Мора да го вратиме“, порача Патрис.
На нејзината листа се најдоа уште поголеми проблеми: децата не ги паметат броевите на телефоните на нивните родители, не ја знаат сопствената адреса, па дури ни станот или улицата на која живеат. Наставничката е згрозена и од фактот што децата не знаат да ги бројат парите. „Ако им дадете неколку монети, не ги знаат нивните називи, нивната вредност, не можат да ги избројат. Што се случува?“, запраша таа.
Меѓу останатите „изгубени вештини“ го споменала и врзувањето врвки, паметење на целосните имиња на родителите, па дури и годината на нивото раѓање. Наставничката исто така истакнала дека учениците не знаат да користат речник, туку дека за сè се потпираат на паметните телефони.

На крајот од видеото, Едвардс директно им се обратила на родителите, нагласувајќи дека проблемот е во недостигот на основни познавања со кои децата доаѓаат во училниците. „И последно, но не помалку важно, како да ги следите повеќекратните насоки… воопшто не ги слушате и тоа е проблемот“, рекла таа.
„Мораме да им се вратиме на основите, ве молам да им помогнеме на овие деца бидејќи доаѓаат во училница без основата и тоа е проблемот. Ние ќе го направиме нашиот дел како наставници, но потребна нѝ е мала дополнителна помош од домот. Ве молам? Да им овозможиме успех на нашите деца“, заклучила наставничката.

Загриженоста на оваа наставничка не е изолиран случај. Образовните експерти предупредуваат дека ваквите проблеми се симптом на пошироки општествени промени. Зголемената употреба на технологијата директно се поврзува со пад на концентрацијата.
Според една канадска студија, просечниот распон на внимание се намалил од 12 на само осум секунди. Децата растат со постојани промени, нестабилни рутини и големо потпирање врз технологијата и имаат помалку можности за вежбање на основните вештини пред да станат дел од образовниот систем.