Мелиса Сапини, поранешна Мис Масачусетс САД, која на изборот на Мис Универзум 2025 година го претставуваше Хаити, по враќањето во Бостон првпат јавно говорела за, како што вели, шокантното искуство во текот на натпреварот одржан на 21 ноември во Бангкок.
Иако со години сонувала да учествува на светскиот избор за убавина, тврди дека реалноста која ја доживеала била „целосна спротивност“ на она што очекувала.
Во разговор за магазинот „People“, Мелиса раскажала дека таа и уште 121 натпреварувачка во текот на тринеделните подготовки во Тајланд поминале низ ситуации, како што вели, кои „буквално не постојат“ во светот на натпреварувањата за убавина.

„Секој ден нешто. Секој ден шепкања: Дали ова е нормално? Дали полудувам? Толку црвени знаменца веднаш на почетокот“, изјавила Мелиса.
Првиот посериозен инцидент се случил на 4 ноември кога во текот на преносот во живо била забележана жестока вербална кавга меѓу извршниот директор на натпреварувањето и претставничката на Мексико Фатима Бош која подоцна победила. Мелиса вели дека тогаш почувствувала дека „нешто сериозно не е како што треба“.
Тврди дека Итсарагрисил почнал да им се заканува на девојките со исфрлање доколку не ги почитуваат неговите строги правила.
„Седиме во двор во тишина, се гледаме меѓусебно и не знаеме што се случува. Си реков: Што е ова?“.

Набрзо потоа откако инцидентот го обиколи светот, сопственикот на Мис Универзум и организацијата, Раул Роч, објавил санкции против Итсарагрисил, вклучувајќи и забрана за учество во понатамошните активност. Сепак, Мелиса тврди дека натпреварувачките и натаму го гледале наредната недела. Според нејзините зборови, условите не се поправиле.
„Се исплашив кога девојките почнаа масовно да се разболуваат. Многу од нив завршија во болница. Паѓаа како муви, лево-десно“, раскажала таа.
Наведува дека групните разговори биле полни со пораки за сериозни грипови, исцрпеност и труење со храна. Организаторите, како што тврди, ги давале само основните насоки, посета на доктор или одење во болница, но не презеле ништо за да спречат нови случаи.
„Ни даваат кутии со храна од кои девојките се разболуваа. Никој не рече: Сите се разболеа, ја менуваме храната. Тоа ме ужасна“, рекла Мелиса.
Прескокнувањето на обврските значело губење скапоцени минути на сцена, па девојките доаѓале на пробите без оглед на температурата и повраќањето. И Мелиса се разболела, но не отишла во болница затоа што не сакала да пропушти ништо важно.

Неколку денови пред финалето следел шок. Музичарот Омар Харфуш објавил дека го напушта жирито и ја обвинил организацијата за неправилности тврдејќи дека „импровизираното жири“ однапред ги избрало 30-те финалистки пред прелиминарната вечер. Организацијата ги отфрлила обвиненијата.
По Харфуш се повлекол и фудбалскиот тренер Клод Макелеле, а потоа и претседателката на жирито, принцезата Камила ди Борбоне деле Дуе Сицилие. Мелиса вели дека натпреварувачките сфатиле дека ситуацијата станува сериозна и дека дел од нив размислувале да си заминат од Тајланд.
„Стојам, го гледам телефонот и чувствувам само тага. Го посветив животот за оваа организација. Имав 16 години кога гледав Мис Универзум и ги проверував пораките за женското јакнење. Тоа ме обликуваше“, изјавила таа.
Како што раскажува Мелиса, девојките продолжиле да работат без оглед на уморот, болестите и исцрпеноста затоа што верувале дека секоја секунда е вредна.
„Поминавме низ пекол. Не спиевме, бевме болни, а сепак мислевме на резултатите. На крај слушнавме дека можеби ништо од тоа нема да е важно. Еден месец исцрпеност, за што?“.

Иако зад себе има многу успешна кариера, учество на Мис САД и титула Мис Масачусетс 2024 година, признава дека искуството во Бангкок сериозно ја нарушило нејзината верба во натпреварот.
„Поради Мис САД го паузирав факултетот. За Мис Хаити морав да земам дозвола. Тоа е моја одлука, но барем заслужувам чесна шанса“.