[ФОТО/ВИДЕО] „Успеавме!“ Истражувач во солзи по 13 години потрага по редок цвет: Погледнете го ова чудо

Точка

26/11/2025

09:20

1.136

Големина на фонт

а а а

Во срцето на индонезискиот остров Суматра, биологот Крис Торогуд од Универзитетот во Оксфорд и неговиот соработник Сепцијан Андрики, доживеале момент што ќе го паметат до крајот на животот.

Со денови и ноќи ја пребарувале џунглата, полна со тигри, во потрага по исклучително ретко растение, и на крајот успеале, па сè снимиле на камера, пренесува „Дејли мејл“.

Станува збор за растение кое ги произведува најголемите цветови во светот (до еден метар во дијаметар), додека развојот на пупката трае дури девет месеци.

Откривањето на овој неверојатен цвет, наречен „рафлесија хаселтии“ (rafflesia hasseltii), го расплака локалниот конзерватор и водич Сепцијан Андрики, а целиот момент го снимил д-р Торогуд.

„Во ред е, успеавме! Го најдовме“, го тешел д-р Торогуд својот соработник.

Инаку, ова растение произведува непријатен мирис што привлекува муви и бубачки – а тие носат полен, што осигурува дека растението ќе се размножува во густите тропски шуми.

Постојат неколку варијанти, а „рафлесија хаселити“ се издвојува по својата необичност. Познат под локалното име „Кендаван мука римау“ (Cendawan Muca Rimau), што значи „тигрова глава“, расте само во оддалечен дел од џунглата на Западна Суматра, каде што влезот е можен со посебна дозвола.

Д-р Торогуд предводел истражувачка експедиција со цел да пронајде и да го проучи необичното растение, на кое му се заканува исчезнување. Според проценките, 60 проценти од сите видови „рафлесија“ се соочуваат со сериозен ризик од исчезнување, додека 67 проценти од познатите живеалишта не се во заштитени подрачја.

„Како од друга планета…“

Откривањето на Rafflesia hasseltii во цветање е извонреден успех, а за водичот Андрики, кој последните 13 години трагал по цветот, моментот бил особено емотивен.

„Да се седи мирно покрај ваков цвет беше речиси надреално, како да доаѓа од друга планета. Пупката се развива до девет месеци, а цвета само неколку дена. Овој се отвори пред нашите очи, како да нè чекаше“, изјавил д-р Торогуд.