Уметникот Џастин Старлинг стана вирален на ТикТок откако бил шокиран од откритието дека неговата фотографија од 2021 година се користи во рекламна кампања за „Skechers“ – кампања за која никогаш не дал согласност.
Неговата приказна брзо се прошири на социјалните мрежи, а сè започнало откако еден негов следбеник му пратил порака за спорната реклама.
„Некој ми пиша за да ми каже дека ме виделе во реклама за ‘Skechers“, раскажува Старлинг во видеото, покажувајќи го спорниот плакат. Наскоро открил и за која фотографија станува збор.
„Ова не сум го одобрил. Оваа оригинална фотографија е од 2021 година и тие ги фотошопирале патиките ‘Nike Air Forces’ и ставиле некои ‘Skechers’. Како да поминам преку ова? Не ми исплатија пари, не ме ни контактираа за официјална реклама“, објасни тој.
Неочекувано објаснување
Откако бројни гледачи го прашале дали можеби во некој момент ги пренел правата на фотографијата, Старлинг во ново видео ја појаснил ситуацијата. Се чини дека токму тоа и се случило – но без негово знаење.
„Ми рекоа дека таа фотографија дошла од веб-страница со бесплатни лиценци и тоа ме изненади бидејќи во тоа време, кога го видов плакатот, немав поим дека таа фотографија воопшто е на таква веб-страница“, рече тој.
Истакна дека не сака да го оцрнува познатиот бренд. „Изгледа дека можеби станува збор само за недоразбирање. Само мислам дека е неверојатно колку лесно туѓа фотографија може да заврши на интернет и да биде изменета во кампања на голем бренд, а таа личност тоа никогаш да не го дознае“.
„Земи си ги парите“
И покрај неговото објаснување, многу корисници сметаат дека користењето на фотографијата на тој начин е „лудо“ и го поттикнуваат да не се откаже од борбата за своите права.
„Земи си ги парите. Мораат да платат за користење на твојата фотографија“, му порачал еден корисник. „Ма не, намерно го измениле тоа, ова е лудо“, додал друг.







