Судија од Мисури е казнет за носење перика и пуштање песни на Елвис Присли.
Судијата од американската сојузна држава Мисури, Метју Торнхил, кој носел перика од Елвис Присли и пуштал негови песни на телефонот за време на судската постапка, се согласил на спогодба со која неговата судска кариера ќе биде прекината.

Според договорот со државниот одбор, Торнхил ќе биде суспендиран без плата шест месеци, по што ќе отслужи уште 18 месеци пред да поднесе оставка од Окружниот суд во округот Сент Чарлс, пренесе „CBS“.
Во писмо од 12 ноември, Торнхил рекол дека повремено сакал „да внесе малку ведрина за да ги опушти учесниците во постапката“, но додал дека сега сфаќа дека тоа може да го поткопа интегритетот и сериозноста на судската постапка.

Торнхил претходно бил критикуван поради неговите коментари од судската клупа, но одборот особено ја истакнал неговата фасцинација со „Кралот на рокот“, а судските документи документираа неколку фотографии од судијата како носи перика и очила што потсетуваат на Присли.

Понекогаш пуштал музика додека влегувал во судницата, а за време на судските постапки споменувал стихови од песни на Присли или датуми на негово раѓање и смрт.

Сето ова ги прекршило правилата за одржување на „редот и достоинството“ и „довербата во интегритетот на судството“, утврдил одборот.
Торнхил е судија со најдолг стаж во округот Сент Чарлс и поранешен заменик обвинител.







