Беше вечно убава, се противеше на естетските корекции, а заносното тело го должеше на диетата која сама ја осмислила: Тајните за убавина на Клаудија Кардинале

Кармин

26/09/2025

15:40

734

Големина на фонт

а а а

Италија, „bel paese“ каде убавината се крие зад секој агол. Чудесни пејзажи, уметност, историја, култура, мода, дизајн – сè зборува на универзалниот јазик на убавината, оној што го разбира целиот свет.

А фаталните италијански жени? Тоа е посебен феномен, кој, освен територијалниот момент и наследството, има силни темели и во нивната неодолива харизма, раскош и сензуалност. Моника Белучи, а некогаш Софија Лорен, Џина Лолобриџида и Клаудија Кардинале, зрачеа и зрачат од секоја пора.


Замина Клаудија Кардинале и остави зад себе кардинален траг, од „најубавата Италијанка во Тунис“ до една од најубавите Италијанки, и жени воопшто. Беше, неофицијално, членка на елитната група на фатални жени чија членска карта ја поседуваат, или ја поседувале, и Софија Лорен, Џина, Моника Вити, Орнела Мути, Вирна Лизи, Алида Вали, Ана Мањани, од помладите Моника Белучи и Марија Грација Кучинота. Која друга земја може да се пофали со таква екипа? Ни „фабриката на соништата“ ја нема.

Да не беа познатите диви од Апенинскиот Полуостров, седмата уметност немаше да биде толку убава. Тие се повеќе од актерки, а интересно е што за повеќето, по некој шаблон, отскочна штица им биле изборите за мис или модните писти.


Тоа не е само благодарение на убиствената комбинација на талент и убавина. Има нешто и во средината од која потекнуваат, често сурова кон понежниот пол. Тоа најдобро го знаат силните, раскошни и бујни Италијанки, кои, како архетипи на исконски жени, храбро се бореа со разни предизвици и се издигнаа до статус на секс-симболи, култ и божества.

Клаудија Кардинале, интернационална дива која го заврши своето долго патување на 87-годишна возраст, до последниот здив беше инспирација за жените ширум светот. Иако несомнено можеше, никогаш не играше на „еротската карта“ и, кога и да имаше прилика, истакнуваше дека не сака да го гради името покажувајќи деколте и други атрибути, од кои нејзините колешки не се срамеа. Не беше ни поборник за естетски корекции, што исто така не им е туѓо на познатите дами, не само на оние во поодмината возраст, бидејќи границата се спушта од ден во ден.


Беше олицетворение на медитеранската жена – родена во Тунис, а со потекло од Сицилија. Нејзината кариера траеше повеќе од шест децении, а последен пат пред филмските камери застана во 2022 година, во полн сјај. Зрачеше со ист интензитет како кога на почетокот на шеесеттите првпат се појави на венецијанската „Мостра“ и ги остави без здив филмаџиите, љубителите на подвижните слики и целиот тогашен свет.

Во што беше тајната на нејзината вечна убавина, а со неа и вечната младост? Пред сè, живееше здраво. Урамнотежената исхрана била базирана на многу овошје и зеленчук, секако и на паста, бидејќи не можела да избега од своите италијански корени. Никогаш не изјави, сепак, ништо слично на мудроста на Софија дека „сè што гледаме на неа се должи на шпагетите“… Ако претерала, се подложувала на диета што лично ја осмислила: шест јајца, два големи домати и два мали грејпфрута.


„Можете да додадете малку чај или кафе, но ништо повеќе. Го сакам овој режим, бидејќи килограмите брзо се топат, а јас се чувствувам подобро“.

Идеалната линија познатата актерка ја одржувала и со редовно вежбање. Јогата долго време ѝ била омилена дисциплина, бидејќи телото го одржува затегнато и флексибилно. Верувала дека сите внатрешни превирања се одразуваат на нашата кожа и затоа се трудела секогаш да се чувствува добро, да работи на себе и да ја наоѓа среќата во малите, секојдневни нешта. Всушност, секогаш ја гледавме насмеана, што доволно зборува, нели? А што зрачиш, тоа и привлекуваш.


Долго соработуваше со козметичкиот бренд „La Reine Capricieuse“, чии постулати се совпаѓаа со нејзината филозофија за убавина, а таа се сведуваше на што поприроден изглед. „Најважно е лицето да биде чисто и да не го оптоварувате со шминка. Чистотата е еден од фундаменталните аспекти на привлечноста“, велеше таа.

Прва за неа беше индивидуалноста. Бидете оригинални во сè, од изгледот и модата до начинот на живот, а потоа надградувајте се како сакате.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk