Според познатиот психијатар Габор Мате, многу воспитни практики кои општеството ги смета за нормални, всушност можат да имаат долгорочно штетни последици врз емоционалниот и физичкиот развој на детето.
Тој предупредува дека родителите често се водат од совети и методи кои ги потиснуваат природните потреби на децата, а со тоа несвесно го нарушуваат нивното здравје.
Мате истакнува дека стресот кај бремените жени има силно влијание врз биолошкиот и емоционалниот развој на детето. Иако тоа е научно потврдено, многу жени и понатаму живеат под голем притисок за време на бременоста, а лекарите ретко прашуваат што навистина ги оптоварува. Тоа, според него, е сериозен пропуст, бидејќи последиците од стресот се пренесуваат и на нероденото дете.
Како особено проблематични воспитни методи, Мате ги наведува т.н. „sleep training“ – односно учење на бебињата да заспиваат сами без одговор на нивниот плач, кој често го практикуваат и родителите во Македонија, како и казнувањето на децата со методот „timeout“, при што детето се праќа во изолација. Според него, овие пристапи можеби делуваат практично или ефикасно, но всушност го поткопуваат здравиот емоционален развој.
„Родителите добиваат разни совети за воспитување, како на пример дека треба да ги научат бебињата да спијат сами, да не ги земаат ноќе кога плачат или да ги праќаат на ‘timeout’ кога се лути. Овие методи се сметаат за нормални, но тие целосно го поткопуваат здравиот развој на децата“, нагласува Мате.
Децата кои растат во средина каде што нивните чувства не се прифатени или се обесхрабрувани, развиваат механизам на потиснување на емоциите со цел да ја зачуваат врската со родителите. Иако тоа може да им помогне во детството, подоцна во животот го зголемува ризикот од емоционални тешкотии како депресија и анксиозност, а може дури и да придонесе за развој на автоимуни болести.
Познатиот психијатар нагласува дека е неопходна промена во пристапот кон родителството. Наместо слепо да се следат културните норми и популарните совети, родителите треба да ги слушаат вистинските потреби на своите деца. Тоа подразбира дозволување на детето да ги изразува своите емоции без страв и осуда, пружање на сигурност и поврзаност и избегнување на притисоци кои го туркаат во обрасци штетни за неговиот развој.
Според него, здравиот развој на детето се темели на разбирање и топлина, а не на дисциплина по секоја цена.