Научниците велат: Ова популарно овошје е можеби најдобрата прва, цврста храна за бебиња

Кармин

19/09/2025

13:30

379

Големина на фонт

а а а

Воведувањето боровинки во исхраната на бебињата како една од првите цврсти намирници може значително да го зајакне нивниот имунолошки систем и да го подобри здравјето на цревата, според ново истражување на Универзитетот „Colorado Anschutz“ пренесе „Newsweek“.

Студијата, објавена во научните списанија „Nutrients“ and „Frontiers in Nutrition“, е прва што детално ги испитала ефектите на една конкретна намирница врз здравјето на доенчињата. Спроведена е на највисоко ниво на научна сигурност, користејќи двојно слеп, рандомизиран, плацебо-контролиран пристап.

Иако боровинките често се нарекуваат суперхрана за возрасните, нивните ефекти врз бебињата досега не биле посебно проучувани.


„На родителите кои почнуваат да воведуваат цврста храна често им е тешко да пронајдат совети базирани на вистински истражувања“, рече раководителката на студијата и професорка по педијатрија, Мингуа Танг.

Оваа студија е важен прв чекор бидејќи ги покажува конкретните придобивки од боровинките за здравјето на доенчињата.

Во студијата учествувале 61 дете од подрачјето на Денвер, на возраст од 5 до 12 месеци. Секојдневно им била давана мала количина на прав од лиофилизирани (замрзнато-сушени) боровинки или плацебо во прав без активни состојки, додека нивните родители продолжувале со вообичаената исхрана на бебињата. На секои два месеци се земале примероци од столицата и крвта, а биле следени и евентуалните алергиски реакции, растот на децата и општите навики во исхраната.

Помалку воспаленија, посилен имунитет

Резултатите покажале дека бебињата кои консумирале боровинки имале поблаги симптоми на алергија, пониски нивоа на воспаление и посилен имунитет. Промени биле забележани и во составот на цревната микробиота – тие биле корисни за развој на здрав имунолошки систем.


Како да му понудите боровинки на вашето бебе?

За бебиња кои штотуку почнуваат да јадат цврста храна, боровинките најдобро е да се пасираат за да се намали ризикот од задушување. За постари доенчиња и мали деца, тие може да се згмечат или исечат на многу мали парчиња.

„Нашето истражување потврдува дека боровинките не само што се безбедни, туку и многу корисни за здравјето на бебињата“, истакна проф. Танг.


Само неколку боровинки дневно можат да имаат позитивно влијание врз развојот на имунитетот и здравјето на цревата. Раната исхрана е многу важна, бидејќи колку порано ги воведуваме вистинските намирници, толку се поголеми придобивките за идниот раст и развој.

Научниците нагласуваат дека се потребни повеќе истражувања за подобро да се разбере како другите намирници влијаат врз бактериите во цревата и имунолошкиот систем на рана возраст. Таквото знаење ќе им помогне на родителите да носат подобри одлуки за исхраната на своите деца засновани врз научни докази.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk