Животот на Марина Абрамовиќ e одбележан со бројни контроверзии, а како што и самата вели, во нејзиното детство имало многу крв. Таа отворено зборувала за своето тешко минато во автобиографијата „Одење низ ѕидови“, каде открила повеќе за злоставувањето што го доживеала од страна на родителите, кои не ја поддржувале ниту сакале, туку ја злоставувале и физички и емоционално.
Како тинејџерка, Марина патела од ниска самодоверба поради својот изглед и се чувствувала непривлечно. Како тинејџерка, верувала дека е „ужасно грда“. Имала, како што се сеќава: „голем нос, многу акни, ужасна фризура, ортопедски чевли и очила со многу дебели стакла“.
Во книгата уметницата храбро го изнела своето искуство со абортусите и одлуката дека не сака да има деца, соочувајќи се со критики и лицемерни реакции од јавноста.
Како што признала во едно од ретките интервјуа од тогаш, за „Guardian“, била разочарана од реакциите и нападите: „Ми се допадна како еден од учесниците на форум напиша дека никој не го прашува Џорџ Клуни зошто нема деца. Останатото беше многу лицемерно“.
Во мемоарите Абрамовиќ објаснила дека во нејзиното детство имало и многу крв. Кога го изгубила првиот млечен заб, крвавењето не престанало три месеци, а кога ја добила првата менструација, таа траела десет дена. Автобиографијата на Марина Абрамовиќ е бескомпромисна исповед, како и сите нејзини перформанси, во која животот и уметноста се во нераскинлива врска.
Исто така, таа ја опишала физичката траума од детството, како и влијанието што нејзините родители, поранешни партизани, го имале врз нејзиниот живот и уметничка инспирација.
Нејзината одлука да се посвети на уметноста се формирала уште додека била млада и била поттикната да ги изрази своите идеи преку радикални уметнички форми.
Пријател на нејзиниот татко ги посетил и ѝ покажал еден уметнички процес: насликал низа бои на слика, ја запалил сликата и ѝ рекол дека станува збор за зајдисонце. Марина верувала дека тоа е фантастична глетка. Потоа одлучила да студира уметност, но нејзините идеи биле порадикални. Абрамовиќ станала симбол на храброст, искреност и уметничка автентичност, чии перформанси се длабоко поврзани со нејзиниот живот и искуства.
Првиот порадикален перформанс го извела во Единбург, „Ритам 10“, во кој ги раширила прстите на раката и си играла со нож, а секој пат кога ќе се повредела, пиела жесток пијалак (инаку никогаш не пие), повторно го земала ножот и продолжувала.
Во времето кога го извела споменатиот перформанс, живеела многу конзервативен живот во Белград, во стан со нејзината мајка, каде морала да биде дома до 22 часот навечер. Кога имала 14 години, намерно се обидела да си ја пресече вената, но нејзината баба ја нашла и ја спречила, а мајка ѝ никогаш не дознала.
Легнала среде запалена ѕвезда и скоро се задушила: „Секогаш чувствував страв, и со тоа чувство се соочував во мојата уметност. Ѕвездата петокрака беше во секоја училишна книга. Беше симбол на рестрикција и контрола, и сакав да се ослободам од тоа соочувајќи се со тој симбол“. Кога нејзината мајка дознала што прави нејзината ќерка во името на уметноста, ја мавнала со стаклен пепелник во главата, велејќи ѝ дека ѝ „дала живот“ и дека сега ќе ѝ го „земе назад“.
Еден извадок од мемоарите на Марина е објавен во британскиот „The Guardian“. Таа се вратила во времето кога заедно со германскиот уметник Улај биле во Австралија и добиле идеја да изведат перформанс со работен наслов „The Lovers“. Планот бил двајцата да застанат на спротивните страни на Кинескиот ѕид и да одат додека не се сретнат (откако секој ќе помине по 2.500 километри), а на средината на ѕидот требало да се венчаат.
Почетокот на нивниот крај бил кога го изведувале „Nightsea Crossing“, во кој по 8 часа дневно седеле на столови еден спроти друг и се гледале в очи. Улај поради болка во стомакот не успеал да издржи до крај, а Абрамовиќ го извела перформансот онака како што го замислиле. Тој се чувствувал понижено.
Статусот кво во нивната врска траел уште две години. Парот во тоа време од пријателите и јавноста ја криел вистината дека нивната врска се распаѓа. Наскоро Абрамовиќ му признала на Улај дека го изневерува со француски писател, на што тој исто така ѝ го открил идентитетот на својата љубовница. По признанието, таа го прашала дали сака да има секс во тројка со неа и неговата љубовница, на што тој се согласил.
Таа ситуација ја опишала како прилично болна: „Беше како еден од моите перформанси, само што ова беше вистински живот. Не сакав да биде вистинско. Не чувствував ништо. Велат дека луѓето кои, на пример, кога ќе ги удри автобус и ќе ја изгубат ногата, не чувствуваат болка затоа што нивните нерви едноставно не можат да пренесат толкава болка до мозокот. Намерно се одлучив на тој потег, да го оттргнам од себе. Но цената беше многу висока“.