Црвениот килим беше поставен на стадионот „Артур Еш“, од топовите излезе чад, а потоа Марија Шарапова се појави во елегантен црн фустан со средна должина.
Познатата светкава јака, познатата креација и еден колективен флешбек! Сите брзо го препознаа легендарниот фустан што познатата Русинка, која пред неколку дена беше примена во Меѓународната тениска куќа на славните, го носела кога го освои пехарот на УС Опен во 2006 година.
Додека публиката аплаудираше, Шарапова возврати со насмевка. Поранешната најдобра тенисерка во светот и сопственичка на пет Гренд слем титули го прими официјалниот прстен на УС Опен, како симбол на нејзиниот неодамнешен прием во Меѓународната тениска куќа на славните во Њупорт.
Во својот говор, таа емотивно ѝ се обрати на публиката.
„Њујорк, какво посебно место и каков посебен терен. Имавте неверојатно влијание врз моето патување и мојата кариера. Доживеав некои од најубавите моменти на овој терен, но и некои од најтешките. Вие бевте сведоци на моето растење – од мало девојче кое носеше фустан инспириран од Одри Хепберн, до овој момент, 19 години подоцна, кога добивам прекрасен прстен и оваа неверојатна чест. Ви благодарам од срце. Ви благодарам што го направивте овој настан толку посебен“, рече Шарапова со голема насмевка на лицето.
Сепак, обожавателите како и медиумите, брзо го свртеа вниманието на модниот избор на Русинката и тој познат фустан што засекогаш го промени текот на дизајнирањето спортска гардероба за тенисерките.
Малиот црн фустан можеше удобно да се носи на вечерно излегување, а буквално беше неверојатно како култното издание на Одри Хепберн, Марија Шарапова и дизајнерката на „Најк“ Натали Кендријан го пренесоа на тениските терени во 2006 година.
Фустанот беше инспириран од класичниот модел на „Живанши“, а Русинката своевремено ги откри деталите на патот од инспирација до реализација на нејзиното модно издание за ноќните Гренд слем натпревари во Њујорк.
„Мојот вечерен фустан е инспириран од Одри Хепберн. Изгледа како мал црн фустан за излегување во град“, рече Шарапова за време на нејзината „премиера“ на теренот, додавајќи дека идејата била да внесе доза на елеганција во нејзините тениски натпревари.
Меѓутоа за овогодишната церемонија, сибирската убавица го издолжи фустанот речиси до глуждовите, но горниот дел и јаката беа копија од нејзиното легендарно издание, кое успеа да го насочи креирањето на спортска опрема кон поелегантни парчиња.