Приказната на Џесика Кокс, која ја сподели со „Travel + Leisure“, трогна многу луѓе ширум светот.
Родена без раце, Џесика уште од рана возраст научила да ги користи стапалата за сите активности што другите ги прават со раце – од пишување, цртање и готвење, до управување со технологија и спортски активности. Кога имала 14 години, решила да се откаже од протезите и целосно да го прифати своето тело.
„Ако сте родени различни, имате чиста табла за да го дизајнирате вашиот живот“, рече таа.
Таа одлука била пресвртница. Џесика одлучила да живее автентично и да покаже дека различноста не е пречка. Нејзината страст за патување започнала уште кога имала осум години. Тогаш за прв пат отишла на Филипините. Како што објасни, тоа била првата средба со поинаков свет што ѝ го променила животот и ја разбудила желбата да го истражува светот.
Патувањето ѝ овозможило да разбере колку е широка перспективата и колку е важно да се отвори умот за нови искуства. Досега Џесика зборувала во 28 земји и патувала во уште повеќе. Со својот пример, таа сака да покаже дека креативноста и упорноста можат да ги надминат физичките пречки.
Најголемиот предизвик за неа бил летањето. Како дете, комерцијалните летови ѝ предизвикувале напнатост и страв. Кај многу луѓе, стравот од летање доаѓа од чувство на губење на контролата, но за Џесика тоа бил страв од непознатото.
Сепак, кога добила можност да лета со мал авион на 21-годишна возраст, сфатила дека тоа е шанса да ги надмине своите стравови. Го соблекла чевелот и го управувала авионот со стапалото, а подоцна станала првата сертифицирана пилотка што управувала авион со нозе.
„Кога ќе ги надминете вашите стравови, добивате сè што некогаш сте посакувале“, изјави Џесика.
Џесика сега работи на пионерски проект, создавање авион кој се контролира исклучиво со нозе. Авионот, наречен „The Impossible Airplane“, се развива во соработка со „Experimental Aircraft Association“ и ќе биде првиот таков експериментален авион во светот.
Нејзината непрофитна организација, „Rightfooted Foundation“ им помага на децата и возрасните родени без раце и други попречености да стекнат независност, самодоверба и чувство на моќ. Програмите на организацијата вклучуваат практични алатки за секојдневниот живот, обука за воздухопловство, спорт и креативни активности.
Освен летањето, Џесика ги инспирира луѓето ширум светот со своите говори и приказни за храброста, надминувањето на стравовите и прифаќањето на различноста. Нејзината филозофија е јасна: „Соочете се со вашите стравови и отворете го светот на можностите. Ако јас можам да управувам авион со моите нозе, сите можеме да ги надминеме пречките што нè спречуваат“.