Пациентите заболени од рак кои покрај имунотерапијата земале и одредени антидепресиви имале пониска стапка на смртност во текот на двегодишното следење, покажува новата анализа, но истражувачите предупредуваат дека резултатите не докажуваат оти лековите директно влијаеле врз преживувањето.
Лицата кои се лекуваат од рак често се соочуваат и со депресија или анксиозност, па покрај лековите насочени кон лекување на туморот земаат и терапија за менталното здравје. Научниците сега ја истражуваат можната поврзаност меѓу овие два вида третмани, пренесе „Сајенс Алерт“.
Новата анализа покажа дека кај пациентите кои земале вообичаени антидепресиви биле забележани помалку смртни случаи во текот на две години по почетокот на имунотерапијата, третман кој го поттикнува имунолошкиот систем да ги напаѓа клетките на ракот.

„Наједноставно кажано, ССРИ би можеле да ослободат уште една „сопирачка“ на имунолошкиот систем, која се наоѓа веднаш до онаа врз која дејствуваат инхибиторите на имунолошките контролни точки“, изјавил за „Сајенс Алерт“ онкологот Чо-Хао Ли од Општата болница Три-Сервис и Националниот медицински универзитет за одбрана во Тајван.
ССРИ, односно селективни инхибитори на повторното преземање на серотонин, го блокираат повторното преземање на серотонинот, хемиски гласник во организмот. Во оваа група лекови, меѓу другото, спаѓаат флуоксетин, сертралин и есциталопрам.
Споредиле две групи пациенти
За да ја испитаат можната поврзаност меѓу антидепресивите и исходите од лекувањето на ракот, истражувачите ги анализирале здравствените податоци на возрасни лица со депресија или анксиозност кои имале солидни тумори, при што од истражувањето биле исклучени карциномите на крвта.
Сите започнувале терапија со инхибитори на имунолошките контролни точки. Станува збор за лекови за имунотерапија кои блокираат сигнали што можат да ги спречат имунолошките клетки да ги напаѓаат туморите.
Истражувањето го предводел лекарот По-Хуанг Чен од Општата болница „Три-Сервис“ и Националниот медицински универзитет за одбрана. Истражувачите ги пронашле соодветните пациенти во мрежата на електронски здравствени досиеја „ТриНетИкс“, а биле вклучени оние кои започнале имунотерапија во периодот од 2015 до 2025 година.

Во истражувањето, 1.567 лица кои земале ССРИ биле споредени со ист број пациенти кои земале бензодиазепини, лекови што се препишуваат за проблеми како анксиозност и несоница.
Групите биле усогласени според 49 почетни карактеристики, меѓу кои демографски податоци, карактеристики на туморот, други заболувања, лекови и лабораториски наоди. Целта била да се споредат што е можно послични пациенти.
Затоа, главната споредба не била меѓу лица кои земале антидепресиви и оние кои не земале никакви психијатриски лекови, туку меѓу две групи пациенти кои земале различни видови вакви лекови.
Пониска стапка на смртност
Во текот на двегодишниот период на следење починале 368 пациенти од групата што земала ССРИ, односно 23,5 отсто, додека во групата што земала бензодиазепини починале 539 лица, односно 34,4 отсто.
Анализата што го земала предвид и времето кога настапиле смртните исходи го поврзала земањето ССРИ со приближно 37 отсто помал ризик од смрт. Тоа значи дека за време на следењето била забележана пониска релативна стапка на смртност, а не дека пациентите живееле 37 отсто подолго.
Сите пет ССРИ лекови што истражувачите можеле одделно да ги анализираат биле поврзани со пониска смртност. Во споредба со пациентите кои не земале ниту една од овие две групи лекови, оние кои земале ССРИ имале приближно 25 отсто помал ризик од смрт.

Серотонинот би можел да има улога
Можното објаснување истражувачите го гледаат во дејството на серотонинот надвор од мозокот. На овој хемиски гласник реагираат и Т-клетките, односно имунолошките клетки кои учествуваат во борбата против ракот.
Студија објавена во 2025 година во списанието „Сел“ покажа дека транспортерот на серотонин, протеин што го блокираат ССРИ лековите, кај глувци делувал како кочница на овие имунолошки клетки. Неговото блокирање го зајакнало антитуморскиот имунолошки одговор.
Комбинацијата на ССРИ и имунотерапија насочена против ПД-1, со која се отстранува друга имунолошка „кочница“, ја подобрила контролата на туморот. Новото истражување се обидува да утврди дали сличен ефект постои и кај пациентите.
Истражувачите одделно анализирале и 8.272 примероци од тумори од Атласот на геномот на ракот. Кај 13 од вкупно 20 видови рак, поголемата активност на генот што го кодира транспортерот на серотонин била поврзана со пониски нивоа на воспалителна активност на Т-клетките.
Сепак, тие примероци потекнувале од други пациенти, а не од групата чии податоци за преживување биле анализирани.

Резултатите на тој начин го поддржуваат предложениот механизам, но не покажуваат дека антидепресивите ги промениле условите внатре во човечките тумори. И натаму не е познато дали дозите на антидепресивите го менуваат нивото на серотонин или однесувањето на Т-клетките во туморите кај пациентите.
Резултатите треба внимателно да се толкуваат
Во здравствените досиеја била забележана и разлика кога станува збор за проблеми со штитната жлезда. Нарушување на функцијата на штитната жлезда било евидентирано кај 31,6 отсто од пациентите кои земале ССРИ, во споредба со 26,7 отсто од оние кои земале бензодиазепини.
Кај хепатитис, пневмонитис и колитис не биле пронајдени значајни разлики меѓу групите.
Едно од ограничувањата на истражувањето било тоа што немало податоци за способноста на пациентите да ги извршуваат секојдневните активности, што е важен показател за прогнозата кај лицата заболени од рак.
Бензодиазепините, на пример, може да се препишуваат при акутна анксиозност или несоница во момент кога болеста се влошува. Поради тоа, пациентите кои ги земале можеби биле потешко болни, иако според забележаните карактеристики изгледале слично на пациентите од другата група.
И препишувањето на ССРИ можело да биде поврзано со пообемна психолошка и медицинска грижа, а не со директно дејство врз туморите. Ли истакнал дека таквите разлики би можеле да објаснат значителен дел од забележаната поврзаност.

„Само рандомизирано испитување може да утврди колкав дел од поврзаноста претставува причинско-последична врска, а колкав дел се должи на збунувачки фактори“, рекол тој.
Потребни се дополнителни истражувања
Бидејќи пациентите во ова истражување не биле по случаен избор распределени да примаат еден од лековите, резултатите не можат да докажат дека антидепресивите го продолжуваат животот.
Идните истражувања треба да го следат преживувањето, напредувањето на ракот и несаканите ефекти, додека примероците од тумори земени пред и по лекувањето би можеле да покажат промени во активноста на имунолошкиот систем.
Истражувачите, исто така, треба да утврдат кој лек, во која доза и во текот на кој временски период би можел евентуално да има корист. Вклучувањето пациенти кои немаат депресија или анксиозност би можело да помогне да се разликува ефектот од лекувањето на психичките тегоби од можниот антитуморски ефект.
Ли им упатил јасна порака на пациентите: „Ова не е причина да почнете да земате ССРИ за да ја ’засилите‘ имунотерапијата, ниту пак самоволно да престанете да земате бензодиазепини“.
Истражувањето е објавено во списанието „ПЛОС Медисин“.















