Ова се најдобрите европски земји за дигитални номади во 2026 година

Точка

05/10/2026

08:31

232

Големина на фонт

а а а

Во 2026 година, канцеларијата може да биде речиси секаде каде што има лаптоп и добра интернет-врска.

За сè поголем број луѓе кои работат од далечина, изборот на земја во која ќе живеат не зависи само од убавината на дестинацијата, туку и од трошоците, инфраструктурата, безбедноста и можностите за легален престој.

Новото рангирање покажа кои европски земји нудат најдобри услови за дигиталните номади. „LEI Register“, глобална база на податоци, анализираше 40 земји и 19 различни критериуми, вклучувајќи ги цените на кириите и прехранбените производи, брзината на интернетот, бројот на „coworking“ простори, безбедноста и правилата за добивање визи.

Предвид биле земени и познавањето на англискиот јазик, здравствената заштита и бројот на локални настани. На првото место се најде Естонија.

Најдобрите европски земји за дигитални номади

Естонија го зазеде првото место на листата благодарение на комбинацијата од релативно пристапни трошоци за живот, инфраструктурата и условите за дигиталните номади.

Просечната месечна кирија за еднособен стан во центарот на естонски град изнесува 573 евра, додека трошоците за прехранбени производи се проценуваат на околу 247,80 евра месечно. Земјата има добри брзини на интернет, највисока оценка за безбедност меѓу анализираните држави, додека визата за дигитални номади важи една година и чини 85 евра.

На второто место е Исланд. Иако е меѓу најскапите дестинации на листата, со просечна месечна кирија од 2.098 евра и трошоци за прехранбени производи од 541,62 евра, земјата е добро оценета во повеќе категории.

Исланд има најбрз интернет меѓу анализираните земји, најголем број „coworking“ простори и голем број достапни сместувања преку „Airbnb“. Исто така, оценет е како многу безбеден и има голем број настани.

Португалија е трета на листата. Оваа земја веќе долго време привлекува дигитални номади, меѓу другото и поради брзиот интернет, високото ниво на познавање на англискиот јазик и достапноста на визи.

Визата за дигитални номади, која важи една година, чини 80 евра, додека просечната кирија за стан во центарот на градот изнесува 919 евра месечно. Иако трошоците за домување се повисоки отколку во некои други земји на листата, Португалија има инфраструктура која е добро приспособена за работа од далечина.

Црна Гора е на четвртото место, а една од причините е многу ниската цена на визата. Таа изнесува 26 евра, додека периодот на важност може да биде до 730 дена, што е најдолгиот период меѓу земјите опфатени со истражувањето.

Просечната кирија изнесува 576 евра, а месечните трошоци за прехранбени производи околу 211,22 евра. Црна Гора е послабо оценета кога станува збор за здравствената заштита, но има втор најголем број сместувања преку „Airbnb“ на листата, што ја прави интересна опција за дигиталните номади со поограничен буџет.

Петтото место го зазеде Хрватска, која го нуди вториот најдолг период на важност на визата – 540 дена.

Хрватска е исто така трета според оценката за безбедност и четврта според достапноста на сместувања преку „Airbnb“ по глава на жител. Просечната кирија за стан во центарот на градот изнесува 663 евра, додека месечните трошоци за прехранбени производи се проценуваат на 232,46 евра.

Познавањето на англискиот јазик е на високо ниво, а земјата нуди и голем број настани. Од друга страна, брзината на интернетот е послаба и е најниска меѓу земјите во првите пет.

Првите десет места на листата ги комплетираат Словенија, Чешка, Шпанија, Литванија и Романија. Секоја од овие земји има свои предности и недостатоци, во зависност од тоа што бара дигиталниот номад.

Кои земји се на дното на листата?

На другиот крај од рангирањето се наоѓаат пет земји кои, според резултатите од истражувањето, нудат понеповолни услови за дигиталните номади.

На последното место е Ирска. Иако е четврта според познавањето на англискиот јазик и е добро оценета кога станува збор за настаните и „coworking“ просторите, високите кирии и послабите оценки за безбедноста и здравствената заштита влијаат врз нејзиниот пласман.

Дополнителен проблем претставува фактот што Ирска нема виза за дигитални номади, што ја отежнува можноста работниците од далечина да ја изберат оваа земја како своја база.

Швајцарија го зазеде претпоследното место. Ниту таа нема виза за дигитални номади, додека трошоците за прехранбени производи се високи, а просечната кирија изнесува 1.785 евра. Од друга страна, земјата има брз интернет, високо ниво на безбедност и голем број „coworking“ простори.

Следуваат Белорусија и Босна и Херцеговина. Двете земји се значително поповолни од Швајцарија кога станува збор за трошоците, но ниту една од нив не нуди виза за дигитални номади.

Белорусија е особено лошо оценета кога станува збор за брзината на интернетот и достапноста на „coworking“ простори. Босна и Херцеговина има релативно ниски трошоци, но според истражувањето се наоѓа меѓу земјите со послаба инфраструктура.

Меѓу последните пет се најде и Франција. Иако со години е меѓу најпосетуваните туристички земји во светот, според ова истражување не е меѓу најпогодните европски дестинации за дигитални номади.

Франција има квалитетна здравствена заштита и добри брзини на интернет, но не нуди виза наменета за дигитални номади. Дополнително, познавањето на англискиот јазик е оценето како релативно ниско, додека индексот на безбедност е најлош меѓу земјите опфатени со истражувањето.