[ФОТО/ВИДЕО] По ерупциите на вулканот се појавиле два нови острови: Експертите сè уште не знаат како настанале

Точка

02/10/2026

19:11

628

Големина на фонт

а а а

Две нови островски формации се појавиле во близина на индонезискиот вулкан Анак Кракатау по серијата ерупции минатиот месец, кои довеле до затворање на главниот аеродром во земјата, соопштија во петокот индонезиските власти.

Според сателитските снимки, двете формации се наоѓаат на помалку од еден километар од вулканот Анак Кракатау, соопшти индонезискиот Центар за вулканологија и намалување на геолошките ризици (ПВМБГ).

„Според анализата на сателитските снимки на Сентинел, во околината на вулканот Анак Кракатау се видливи две формации што наликуваат на мали острови“, изјавила претставничката на ПВМБГ, Рита Сусилавати.

Сепак, прерано е овие формации да се нарекуваат „потомци“ на Анак Кракатау, додала Сусилавати, предупредувајќи дека сè уште нема доволно податоци за нивното потекло и начинот на кој настанале.

Вулканот еруптирал на почетокот на септември, поради што биле затворени неколку аеродроми низ земјата, а биле откажани неколку стотици летови. Ерупциите и вулканската пепел го нарушиле воздушниот сообраќај во повеќе делови на Индонезија.

Нејасно потекло на новите формации

Индонезиските власти засега немаат спроведено теренско истражување со кое би се утврдило од каков материјал се составени двете нови формации и на кој начин настанале.

„Сè уште не можеме да потврдиме дали овие две формации навистина се нови еруптивни центри или само наслаги од вулкански материјал создаден за време на ерупцијата“, објаснила Сусилавати.

Слични појави и во минатото биле забележани во областа на Анак Кракатау. Почнувајќи од 1927 година, таму неколкупати се појавувала копнена маса која накратко излегувала над морската површина, но потоа исчезнувала под влијание на ерозијата, сè додека во 1930 година не се формирал траен остров.

Можно е ниту двете нови островски формации да не опстојат долго, бидејќи брановите би можеле да ги еродираат и повторно да ги потопат, предупредила Сусилавати.

Вулканот е на второ ниво на опасност

Властите ги предупредуваат жителите и посетителите да не му се приближуваат на вулканот на растојание помало од три километри. Анак Кракатау во моментов се наоѓа на второто ниво на опасност на четиристепената скала за предупредување.

Самото име Анак Кракатау на индонезиски значи „дете на Кракатау“. Вулканот се наоѓа на подрачјето на некогашниот вулкан Кракатау, чија катастрофална ерупција во 1883 година била една од најпознатите и најразорните вулкански ерупции во историјата. Се проценува дека во катастрофата загинале околу 35.000 луѓе, а голем број од жртвите биле последица на огромните цунами што по ерупцијата ги погодиле бреговите на околните острови.

Анак Кракатау почнал да излегува од морето неколку децении по катастрофалната ерупција, а трајна копнена формација на тоа подрачје се создала во 1930 година. Оттогаш вулканот повеќепати еруптирал.

Осум лица исчезнале поради ерупцијата

Пет новинари кои на почетокот на септември известувале за ерупцијата од глисер исчезнале без трага. Сега се претпоставува дека загинале, како и тројцата членови на екипажот кои се наоѓале на пловилото.


Анак Кракатау се наоѓа во Сундскиот Теснец, меѓу Јава и Суматра, околу 150 километри источно од Џакарта. Подрачјето е геолошки многу активно и таму редовно се бележат вулкански и сеизмички активности.