„Siri AI“ и понатаму не им е достапен на корисниците во Европската Унија, а Гурман од „Bloomberg“ тврди дека ќе се изначекаат уште доста, како што беше случајот и со „Apple Intelligence“
„Apple“ минатиот месец ги објави „iOS 27“ и „iPadOS 27“, но една од нивните поважни новини, „Siri AI“, и понатаму не им е достапна на корисниците во Европската Унија, а според информациите на „Bloomberg“, на нејзиното пристигнување би можело да се чека уште неколку месеци.
Имено, аналитичарот за „Apple“, Марк Гурман, наведува дека „Siri AI“ во Европската Унија веројатно нема да пристигне „во скоро време“. Како причина повторно се споменуваат европските прописи, поради кои „Apple“ и претходно ја одложуваше достапноста на одредени AI-функции на пазарот на ЕУ.

Според наводите на Гурман, „Apple“ би можел да го искористи незадоволството на корисниците поради недостапноста на „Siri AI“ и како дополнителен притисок врз европските регулатори. Идејата би била корисниците, фрустрирани од фактот што на своите уреди немаат пристап до сите рекламирани можности, да го критикуваат регулаторниот пристап на ЕУ.
Како можен показател за тоа колку би можело да трае доцнењето, Гурман го наведува претходното воведување на „Apple Intelligence“. Таа платформа надвор од ЕУ стана достапна во октомври 2024 година, додека во ЕУ пристигна дури во март 2025 година, приближно пет месеци подоцна.

Нешто слично би можело да се повтори и со „Siri AI“, иако Гурман петмесечното доцнење го опишува како најдобро можно сценарио, што значи дека корисниците во ЕУ би можеле да чекаат и значително подолго.






