Новиот нобеловец го прекина примањето честитки за да им подготви ужина на своите деца

Точка

07/10/2026

08:54

729

Големина на фонт

а а а

Доктор Карл Дајсерот со часови одговарал на повици и примал посети од луѓе што му честитале откако рано во понеделникот наутро дознал дека ја добил Нобеловата награда за медицина за придонесот во развојот на нова област во науката за мозокот – оптогенетиката.

Сепак, не поминало многу време пред научникот од Калифорнија да побара пауза за да се посвети на една сосема обична обврска: морал да им подготви ужина за на училиште на своите деца, кои спиеле во семејниот дом во Стенфорд додека нивниот татко среде ноќ разговарал со новинарите и со луѓето што сакале да му честитаат.

Дајсерот (54) ја подели годинешната награда за медицина со двајца истражувачи од Германија за работата во областа на оптогенетиката – научна дисциплина што ги комбинира светлината и гените за да ги активира или исклучи невроните во живиот мозок.

Како некој што за себе вели дека е „ноќна птица“, овој истражувач во Медицинскиот институт „Howard Hughes“ и професор на Универзитетот Стенфорд често работи и по полноќ. Откако во неделата навечер прегледувал научни трудови и одговорил на електронските пораки од студентите, штотуку легнал да спие кога пристигнал повикот од Нобеловиот комитет во Стокхолм.


„Речиси останав без зборови“, изјавил за „Associated Press“ („AP“), „но се прибрав по минута-две“, по што не се вратил во кревет.

Додека новинарите разговарале со Дајсерот по телефон и преку платформата „Zoom“, фотограф и снимател на „AP“ брзале кон неговиот дом во Стенфорд.

Фотографот пристигнал околу 3:30 часот наутро и затекнал украси за Ноќта на вештерките пред куќата, а внатре само едно запалено светло. Се загрижил дека ја погрешил куќата, но сепак тропнал на вратата.


Докторката Мишел Монже-Дајсерот, сопругата на научникот, ја отворила вратата и го вовела фотографот во куќата, каде што добитникот на Нобеловата награда седел на каучот и примал честитки. Монже-Дајсерот, истражувачка во „HHMI“ и педијатриски невроонколог на Стенфорд, седнувала покрај него кога не подготвувала кафе за вработените во службата за комуникации на Стенфорд, кои се придружиле на прославата.

Дајсерот изјавил за „AP“ дека бил изненаден кога слушнал дека неговата работа е наградена со Нобелова награда, но неговата сопруга рекла дека таа не била изненадена.

Дајсерот зборувал за истражувањето што го спровел со колегите нобеловци Петер Хегеман и Георг Нагел и за неговото влијание во реалниот свет.


„Јас сум лекар и научник, психијатар, и се грижам за пациенти што имаат аутизам, што имаат депресија“, рекол тој.

„Важна ми е надежта што ја носи ова. Но јас сум и научник што се занимава со фундаментални истражувања и важно ми е да го разбереме неверојатниот орган, мозокот – како функционира и како ги обединува и обработува информациите и го создава сето она што нè прави луѓе“, рекол тој.

Додека ги завршувал интервјуата, Дајсерот им рекол на вработените од Стенфорд дека му е потребна едночасовна пауза, почнувајќи од 6:30 часот наутро. Неговите деца ќе се разбудат, објаснил, и ќе им треба ужина за на училиште.

Кога еден од претставниците на Стенфорд се запрашал дали сета таа ноќна врева им пречела на соседите, Монже-Дајсерот само одмавнала со раката. Таа со сопругот и децата живее во универзитетско сместување, каде што живеат и студенти, а во соседството и онака веќе има многу нобеловци, па сите се навикнати на врева и прослави.