"AI" за шест часа реши мистерија стара 217 години

Точка

03/10/2026

12:31

522

Големина на фонт

а а а

Инженерот Картер Черч успеал со помош на вештачка интелигенција (AI) за шест часа да дешифрира писмо напишано по наредба на Наполеон Бонапарта пред 217 години, пренесува „Euronews“.

Документот не бил писмо што лично го напишал Наполеон, туку потекнувал од штабот на вицекралот на Италија, Ежен де Боарне, и претставувал шифриран извештај за состојбата на војниците, испратен по наредба на Наполеон.

Черч, инженер во компанијата за сајбер-безбедност „SentinelOne“, објавил на социјалните мрежи дека моделот „GPT-6 Astra“ на компанијата „OpenAI“ дешифрирал шифрирано писмо од 1809 година, испратено до францускиот генерал Огист де Мармон, пренесува „Tanjug“.

Тој навел дека моделот на вештачка интелигенција ја транскрибирала сликата за да ја разбие шифрата за приближно шест часа.


„Astra ја подели сликата со димензии 1.202 × 1.836 пиксели на редови, ги прочита знаците, утврди кои од 175-те рачно нацртани симболи претставуваат ист знак напишан двапати и дури тогаш почна со разбивање на шифрата“, напишал Черч во објава на блог.

Неколку истражувачи во текот на изминатите децении се обидувале да ја реконструираат содржината на документот, но никој не успеал целосно да ја дешифрира пораката.

Како што се наведува, „Astra“ го извршила целиот процес од почеток до крај, вклучувајќи ја транскрипцијата на сликата, анализата на шифрата со хомофонска замена, пишувањето код и вкрстувањето на податоците со историските записи.


Текстот ги открил позициите на баварските, полските и француските сили во време кога Европа се приближувала кон војна.

Мармон, кој командувал со француските трупи во Далмација, ризикувал да остане отсечен во случај на австриски напад.

Наполеон на 16 март му наредил на Ежен да го извести Мармон за позициите на главните француски и сојузнички сили, со инструкција пораката да биде напишана во шифра и пренесена преку доверлив офицер.


Користејќи ги дешифрираните податоци за бројноста на војниците, офицерските чинови и позициите на единиците, Черч повторно го датирал документот на крајот на март 1809 година, приближно две недели пред австриските сили да ја започнат офанзивата.

Черч на 18 септември ја објавил комплетната документација од своето истражување, вклучувајќи го транскриптот, табелите со шифри и скриптите кои им овозможуваат и на другите да го репродуцираат резултатот.

Според зборовите на Черч, истражувачот од Токио, Сатоши Томокијо, кој ја води страницата „Cryptiana“, го прегледал решението и го означил записот како „решен“.