Астронаутите откриле што им се случува кога првпат ќе ја видат Земјата од вселената: Еден доживеал „експлозија на свеста“, друг западнал во депресија, а трет...

Точка

03/10/2026

11:51

602

Големина на фонт

а а а

Иако минуваат низ интензивни и темелни тренинзи, сепак никој не може да ги подготви за индивидуалните психички промени што следуваат по најголемото патување во животот.

Астронаутот Гарет Рајзман вели дека тренингот ги подготвува за сè, освен за глетката на Земјата од вселената, која е целосно поинаква од онаа на вежбите.

Рајзман е астронаут на НАСА кој е многу популарен на интернет поради снимките од вселената и фактите што ги изнесува за сето тоа. На една од мисиите, уште во 2008 година, поминал околу три месеци надвор од Земјата.


Гостувајќи во најгледаниот поткаст во светот, кај Џо Роган, Рајзман, меѓу другото, зборувал за движењето во вселената, односно за тоа кога излегувал од кабината поради различни задачи. Со оглед на тоа што вселенската станица во која престојува се движи со 28.000 километри на час, исто како и астронаутот, тој рекол дека многумина имаат чувство како да паѓаат, па почнуваат цврсто да ги држат шипките на леталото, но дека тоа е грешка.

„Тоа е ужасна грешка, иако се нарекува „вселенска прошетка“ (spacewalk), сепак движењето се врши со рацете. Ужасно е затоа што кога ќе излеземе од леталото, надвор поминуваме седум и пол часа, лебдејќи приврзани со посебно јаже за станицата. Можат да ве подготват за сè, освен за визуелниот впечаток, за она што ќе го видите. Кога сте на тренинг во астронаутскиот базен, пред себе гледате ѕид, но на мисијата под себе ја имате целата Земја“.

Роган љубопитно прашал што прават седум и пол часа надвор од кабината, на што астронаутот одговорил дека тие работи најчесто се поврзани со одржување на голем број уреди.

„Буквално работиме работи како механичари и техничари. Само што сме во одело кое е премногу тешко, па ви отежнува што и да сакате да направите. Стегањето со прстите бара напор кога сте во такви околности. Замислете да менувате масло на автомобил, но да носите оклоп од средниот век“, духовито завршил Рајзман.

Бил во долниот дел од шатлот, кога низ мал прозорец забележал бледосина светлина. Сфатил дека тоа е Земјата. Бил возбуден, дури и застанал, ги затворил очите и медитирал за да се подготви за тој момент. Потоа за првпат ја погледнал Земјата од вселената. Кога Роган го прашал што чувствувал, изјавил:

„Земјата беше прекрасна, сина и зелена, но луѓето толку многу се навикнати на спектакуларните фотографии од Земјата од вселената што вистинската глетка беше помалку драматична отколку што очекував“.


Искуства и зборови на астронаутите

Сепак, подраматично искуство имале луѓето кои отишле уште подалеку – сè до Месечината! Особено ако го земеме примерот на Нил Армстронг и екипажот на „Apollo 11“, кои без претходно искуство или спектакуларни фотографии за првпат ја виделе вистинската глетка на Земјата од таа оддалеченост.

Што се случува во човекот кога ќе доживее нешто што му ја менува претставата за сопственото место во светот, а потоа мора да се врати во обичниот живот?

Баз Олдрин

Баз Олдрин по „Apollo 11“ имал сериозна депресија, проблеми со алкохолот и распад на бракот. Самиот зборувал дека по враќањето не знаел што понатаму да прави и дека чувствувал некаква празнина. Неговата прва автобиографија се викала „Return to Earth“, што директно укажува дека најголемиот впечаток за него било враќањето, а не самата подготовка, патувањето или престојот надвор од нашата орбита.


Мајкл Колинс

Кога Армстронг и Олдрин се спуштиле на површината на Месечината, Колинс останал во командниот модул и ја губел радиоврската со Земјата. Поради тоа се смета за најизолираниот човек во целото човештво.

Во својата автобиографија запишал: „Целосно бев сам, навистина сам, апсолутно изолиран од која било форма на живот“.

Колинс имал сосема поинаков однос кон Земјата откако ја видел од таа оддалеченост.

Во интервју за „PBS“ ја опишал Земјата како нешто мало што би можел да го покрие со палецот, сино-бело и блескаво, и рекол дека искуството од мисијата му дало многу посилно чувство за нејзината кревкост и желба да ја заштити. Неговиот заклучок бил дека луѓето кои носат политички одлуки можеби би го промениле погледот кон светот кога би можеле да ја видат планетата од таа оддалеченост, бидејќи границите исчезнуваат и останува само една мала, заедничка планета.


Нил Армстронг

По враќањето на Земјата, веројатно во тој момент бил најпопуларниот човек на планетата, но упорно одбивал да живее како славна личност.

Армстронг често ја намалувал личната важност на своето достигнување. Во едно интервју рекол дека прашањето кој прв ќе зачекори на Месечината било речиси прашање на околностите, а зад мисијата стоел огромен колективен напор.

Неговиот колега Олдрин бил многу поотворен кон јавноста и подоцна со децении зборувал за мисијата. Армстронг, сепак, главно одбивал интервјуа, не сакал да напише автобиографија и не сакал да биде третиран како суперхерој.


Едгар Мичел, „Apollo 14“

Мичел го опишал чувството како еден вид проширување на свеста и тврдел дека тоа му го променило погледот кон човекот. По НАСА, сериозно се посветил на истражувањето на свеста и паранормалните феномени.

Една од неговите подоцна документирани формулации била: „Ненадејна експлозија на свеста, длабоко чувство на поврзаност на сè и еден вид просветлување“.

Пред мисијата бил врвен пилот, инженер, воен офицер и астронаут. По мисијата станал човек опседнат со прашањето што е свеста и дали нашето разбирање на реалноста е непотполно.


Џејмс Ирвин, „Apollo 15“

Тој го протолкувал искуството на Месечината на исклучително религиозен начин.

Подоцна зборувал дека таму го почувствувал Божјото присуство на начин на кој никогаш претходно не го почувствувал. По враќањето, таа промена не останала само на ниво на чувство; во 1972 година ја напуштил НАСА и Воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави и ја основал „High Flight Foundation“, верска организација. Тоа го потврдува и неговата биографија на веб-страницата на „U.S. Naval Academy“.