[ВИДЕО] Што би се случило доколку Земјата престане да се врти? Погледнете ја оваа морничава симулација

Точка

06/10/2026

16:57

678

Големина на фонт

а а а

Земјата на екваторот се врти со брзина од околу 1.670 километри на час. Една интернет-симулација прикажува што би се случило кога ротацијата на планетата би почнала да запира.

Иако не постои познат природен механизам кој би можел нагло да ја запре ротацијата на Земјата, последиците од такво хипотетичко сценарио би биле катастрофални.

Постепеното забавување би донело хаос

Симулацијата објавена на ТикТок и X прикажува сценарио во кое Земјата не запира одеднаш, туку постепено ја губи брзината. Како што планетата би забавувала, сè што се наоѓа на нејзината површина би продолжило да се движи поради инерцијата. Тоа значи дека луѓето, зградите, возилата и другите предмети би продолжиле да се движат со голема брзина кон исток, додека тлото под нив би забавувало.

При брзина на ротација од околу 1.650 километри на час, последиците веќе би биле драматични. Зградите и сообраќајните знаци би почнале да се одвојуваат од тлото и би биле носени кон исток, а истото би им се случило и на луѓето кои не би можеле да се спротивстават на толкава сила.

Како што ротацијата дополнително би забавувала, зградите би почнале да се уриваат, а предметите и урнатините би летале по површината на планетата. Истовремено, атмосферата и океаните би продолжиле да се движат, создавајќи огромни воздушни и водни струења. На крајот, океаните би почнале да го поплавуваат копното, додека силните ветрови и поместувањето на огромни количества вода дополнително би ја влошиле ситуацијата.

Сè би продолжило да се движи поради инерцијата

Клучот за разбирање на ова сценарио е инерцијата. Станува збор за појава поради која телото настојува да го задржи своето движење кога нешто нагло ќе запре.

Сличен принцип може да се види при нагло сопирање на автомобил. Возилото запира, но патниците поради инерцијата продолжуваат да се движат нанапред. Истото, во екстремна форма, би се случило и со Земјата. Кога тлото би престанало да се врти, луѓето, атмосферата и океаните не би запреле автоматски. Тие би продолжиле да се движат во насоката во која планетата претходно се ротирала.


На половите почетниот удар би бил послаб

Последиците не би биле исти на целата планета. Брзината на ротација е најголема на екваторот и постепено се намалува кон половите. На самите полови, површината практично не се движи околу оската на ротација.

Поради тоа, лице кое во моментот на запирањето би се наоѓало точно на Северниот или Јужниот Пол би го избегнало почетниот удар кој би бил најсилен на екваторот. Но тоа не значи дека таму би било безбедно.

Запирањето на ротацијата би ги нарушило океаните и атмосферата на глобално ниво, а огромни количества вода би почнале повторно да се распоредуваат. Тоа би можело да предизвика катастрофални поплави и цунами.

„Толку вода би се прелеала преку континентите и назад што сигурно би настанало цунами“, напишал еден коментатор. Друг додал: „А ова е ‘постепено’ запирање. Замислете брзината одеднаш да падне на нула. Секој предмет би станал балистички проектил“.