[ВИДЕО] „Кралот Казу“ тресе мрежи и во 60. година од животот

Точка

27/07/2026

14:42

521

Големина на фонт

а а а

Легендарниот јапонски фудбалер Казујоши Миура уште еднаш испиша историја во светскиот фудбал. Популарниот „Крал Казу“ го постигна својот прв натпреварувачки гол по речиси четири години, и тоа на возраст од 59 години и 149 дена.

Миура се запиша во листата на стрелците во 52. минута од натпреварот меѓу Фукушима Јунајтед и Иваки Фурукава во Купот на Јапонија, кога погоди за водство на својот тим од 5:0.

Искусниот напаѓач одлично втрча во казнениот простор и од прва ја реализираше повратната топка од својот соиграч, по што следуваше големо славје на неговите соиграчи и стручниот штаб.

Само три минути подоцна го напушти теренот испратен со овации, а Фукушима на крајот славеше со убедливи 7:0 и обезбеди пласман во следната рунда од натпреварувањето.

Ова беше првиот натпреварувачки погодок на Миура уште од ноември 2022 година, кога како член на Сузука ПГ, денешен Атлетико Сузука, ја затресе мрежата на натпревар од Јапонската фудбалска лига против Осака.

Поранешниот јапонски репрезентативец во декември пристигна во Фукушима како позајмен играч од Јокохама, а соработката е продолжена до јуни 2027 година. Во скратената сезона 2026 забележа шест настапи, а клубот смета на него и во наредниот период.

Така, Миура ќе ја започне својата 42. професионална сезона, а поради промената на календарот во јапонските фудбалски лиги, кои преминуваат од системот пролет – есен на есен – пролет, легендарниот напаѓач и во седмата деценија од животот ќе продолжи да игра професионален фудбал.

Жива легенда

Казујоши Миура ја започна својата професионална кариера уште во 1986 година во Сантос, а во текот на речиси четири децении настапуваше за бројни клубови во Јапонија, Бразил, Италија, Хрватска, Австралија и Португалија.