Поразот од Англија во „малото финале“ означи и крај на еден циклус во француската репрезентација, односно крај на една успешна ера во која главен диригент од клупата беше Дидие Дешамп.
Искусниот стручњак го презема националниот тим во доста сложена ситуација во 2012-та година, а 14 години подоцна, Франција е една од најголемите фудбалски велесили која секогаш се бори за најважните трофеи.
Без оглед на тоа што Франција вчера не успеа да осигура бронзен медал, Дешамп остава богато наследство во француската фудбалска историја, бидејќи „триколорите“ под негово водство ја освоија светската титула, беа светски и европски вицешампиони, а славеа и во Лигата на нации.
По поразот од Англија, Дешамп не жалеше премногу и презема дел од одговорноста за лошата поставеност во првото полувреме, но за крај, откри и каква порака им испратил на француските ѕвезди кога се одјавувал од нив од соблекувалната.
– Кога го гледам сега натпреварот, требаше да изберам поинаку од самиот старт. Слободно напишете таков наслов, требаше да почнам со други играчи и тогаш најверојатно ќе миневме подобро. Јасно е дека некои играчи можеа подобро, но нема да именувам. На полувреме сакав да променам осум играчи, но доволно беа и четири за да се раздрма тимот. Во вториот дел покажавме гордост и страст, а тоа е она што сакав да го видам. Во првото полувреме се разлутив, но оваа Франција отсекогаш била препознавана по гордост и карактер, – изјави Дешамп.
– Пред натпреварот за првпат си реков „Ова ти е последен пат“. Добив безброј пораки, а две или три ме расплакаа. Ова е крај на периодот кој ја одбележа најубавата етапа во мојата тренерска кариера. Кога дојдов во 2012-та година, ја поставив репрезентацијата над се и над секого. Истите зборови им ги повторив на играчите и сега на крај. Може они да играат за најголемите клубови во светот, но ништо, баш ништо не е над репрезентацијата на Франција. Горд сум што толку долго и служев на репрезентацијата и што ја оставам при самиот врв. Чувствувам дека дадов многу, дадов се што имав во себе, – изјави Дидие.











