Една мајка открива генијален трик со кој го решила проблемот со стравот на својот син од чудовишта пред спиење, а решението го пронашла во паметниот звучник на „Amazon“ со „Alexa“. Своето откритие го сподели на ТикТок за да им помогне и на други родители кои се соочуваат со слични предизвици.
Стравот и вознемиреноста пред спиење се чести кај малите деца. Најчесто се плашат од темнината, чудовишта, провалници или од нешто што би можело да се крие во собата. Тие грижи можат да предизвикаат многу стрес и кај децата и кај родителите, кои само сакаат нивните деца да се чувствуваат безбедно во сопствениот дом.
Мајката на две деца, Саманта, на ТикТок сподели паметен трик што нејзиниот уред на „Amazon“ со „Alexa“ го претвора во помош при заспивање. Објасни дека нејзиниот син бил во фаза кога поради страв од чудовишта не можел мирно да спие. Раскажа дека ги испробала сите вообичаени методи, од промена на распоредот во собата и ноќни ламби до кадифени играчки, но ништо не успевало да ја смири неговата вознемиреност.
Тогаш открила помалку позната опција на „Alexa“ што се покажала како пресвртница. „Мислам дека ова е клучно за решавање на стравот на мојот син од чудовишта во неговата соба“, изјави таа.
На снимката што ја објави се гледа нејзиниот син како лежи во пижами, а потоа камерата се врти кон уредот во аголот од собата. „Дали знаевте дека вашата „Alexa“ може да го направи ова?“ напиша во описот, додавајќи: „Ова е совршено ако имате дете кое се плаши од чудовишта во собата“.
Во видеото се слуша како мајката вели: „‘Alexa’, стартувај проверка за чудовишта“. Паметниот звучник одговара: „Во ред, следува проверка за чудовишта. Добредојдовте во проверката за чудовишта. Ве молам наведете ја областа што сакате да ја скенирам“. Саманта потоа бара да се скенира спалната соба.

„Ги скенирам сите површини во спалната соба во потрага по чудовишта... во спалната соба не се пронајдени чудовишта“, потврдува уредот.
Мајката потоа го смирува синот, кажувајќи му дека во собата нема никакви чудовишта. Момчето најпрво изгледа збунето, а потоа станува и ѝ приоѓа на мајката. „Мислам дека беше во шок“, напиша во описот на видеото. Снимката продолжува со друг исечок на кој момчето изгледа многу посреќно откако добило потврда дека нема чудовишта и дека може безгрижно да заспие.
Проверката за чудовишта, односно „Monster Check“, е бесплатна „Alexa“ вештина, односно додаток што може да се преземе и активира на уред на „Amazon“ со „Alexa“.