Свечено затворени ЗОИ: САД не се први, а еве која земја освои најмногу медали

Точка

23/02/2026

10:30

885

Големина на фонт

а а а

Свечената церемонија на затворање на 25. Зимски олимписки игри во Милано и Кортина се одржа влера вечерта во арената во Верона.

Церемонијата на затворање на ЗОИ се одржа под слоганот „Убавина во акција“. Настанот започна со звуците на операта Травијата, продолжи со други италијански арии, по што следуваше внесување на италијанското знаме. Потоа уследи дефиле на спортистите, проследено со звуци на италијански песни.

„Олимписките игри ни донесоа незаборавни емоции и чувство на гордост што Италија долго ќе го памети“, порача премиерката на Италија, Џорџа Мелони.

Во текот на церемонијата настапија, меѓу другите, балетанот Роберто Боле, кантавторот Акиле Лауро, актерката Бенедета Поркароли, пијанистката Глорија Кампанер и диџејот Габри Понте.

Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Кирсти Ковентри, со својот говор официјално ги прогласи за затворени ЗОИ во Милано и Кортина.

„Благодарност до Италија што ни ја донесе топлината на своите места и градови. Во согласност со традицијата, ги повикувам сите млади од светот и сите вас овде вечерва да се собереме повторно за четири години во француските Алпи заедно да ги прославиме 26. Зимски олимписки игри. Се гледаме во 2030 година – изјави Ковентри, по што беше изгасен олимпискиот пламен.

Градоначалниците на Милано и Кортина, Џузепе Сала и Џанлука Лоренци, ѝ го предадоа олимпиското знаме на Кирсти Ковентри. Од нејзините раце, знамето заврши кај претседателот на регионот Прованса – Алпи – Азурен Брег, Рено Музели, како и кај претседателот на регионот Оверњ – Рона – Алпи, Фабрис Панекук.


Италијанските медиуми наведуваат дека така официјално започнала „Нова зора“, како што беше наречен сегментот на претставување на домаќинот на следните ЗОИ 2030, кои ќе се одржат во француските Алпи. Оркестарот од Верона потоа на специфичен начин ја изведе „Марсељезата“.

Најмногу медали на ЗОИ во Милано и Кортина освои Норвешка – 41 (18 златни, 12 сребрени и 11 бронзени), додека репрезентацијата на САД стигна до 33 одличја (12 златни, 12 сребрени и девет бронзени).