[ФОТО] Скопското кафуле „The Dude“ повторно на престижната листа на топ 100 кафетерии во светот: „Горди сме, понизни и бескрајно благодарни“

Точка

19/02/2026

17:40

867

Големина на фонт

а а а

Скопското кафуле со автентичен ентериер, „The Dude Specialty Coffee“, по вторпат се најде на престижната листа на топ 100 кафетерии во светот –„World’s 100 Best Coffee Shops“.

Годинава кафулето е рангирано на 85-то место на листата објавена во рамки на интернационалниот настан „Coffee Fest Madrid“.


Во конкуренција од повеќе од 15.000 кафетерии од целиот свет и со поддршка од над 350.000 гласови, ова признание го позиционира „The Dude“ меѓу најистакнатите specialty кафулиња на глобално ниво. Од Балканот само три кафулиња се најдоа на листата - „43.12 Coffee“ од Бугарија, „Kross Coffee Roasters“ од Грција, и секако „The Dude“ од Македонија.


Листата се креира врз основа на повеќе критериуми: исклучителен квалитет на кафето, висока експертиза во подготовката, иновативен пристап, атмосфера и целокупно искуство за гостите, одржливост и придонес кон глобалната кафе култура.

„Втора година по ред на глобалната Топ 100 листа — признание што не го земаме здраво за готово.

Она што започна како мал сон во Скопје, прерасна во нешто многу поголемо од нас — заедница, место за средби и споделена страст. Да се види сето тоа препознаено на светска сцена е истовремено понизно и длабоко емотивно искуство.


До нашиот неверојатен тим — вашата посветеност, талент и срце се темелот на сè што создаваме. Овој успех ви припаѓа вам.

До нашите гости, пријатели, партнери и поддржувачи — ви благодариме што ни ја доверувате вашата секојдневна рутина, разговорите и моментите. Вие сте причината поради која постои The Dude.

Горди сме, понизни и бескрајно благодарни. Од Скопје до светот — ова патување продолжува, шолја по шолја“, стои во објавата на „The Dude“ на Инстаграм.


Ова кафуле се смета за еден од пионерите на specialty coffee сцената во Македонија, препознатлив по внимателно селектираните зрна од врвни светски ростерии и прецизната подготовка.

„Coffee Fest Madrid“ е еден од најголемите европски настани посветени на кафе-индустријата, кој обединува професионалци, брендови и љубители на кафе од целиот свет, додека листата „World’s 100 Best Coffee Shops“ се смета за глобален репер за извонредност во светот на кафето.