Ова е најбогатото ромско село: Секоја куќа е палата, а од количината на кич „болат очи“ – го нарекуваат ромското Монако

Точка

18/02/2026

20:15

1.279

Големина на фонт

а а а

Куќите украсени со високи мермерни столбови, куполи и покриви налик на шатори за свадби, во романската внатрешност се бројат во илјадници.

Таканаречените ромски палати среде полиња или во неугледни гратчиња изгледаат непримерно и бизарно, но меѓу припадниците на маргинализираното и претежно сиромашно малцинство јасно го откриваат тежнеењето кон повисок статус.

Ромските палати почнале да никнуваат една по друга на почетокот на 90-тите години од минатиот век, откако по падот на комунизмот поединци во ромската заедница дошле до пари, главно собирајќи и продавајќи старо железо и занимавајќи се со ситна трговија.


Сега тие наметливи зданија ги има во огромен број низ Романија. Соседите често, доградувајќи катови, се натпреваруваат во височина.

Фасадите неретко се украсуваат со знаци на долар или Мерцедес, бидејќи се сметаат за симболи на богатство.

Фалење со успехот

Романскиот архитект Рудолф Греф вели дека стилот на „ромските палати“ не треба да се отфрла иако се смета за апсолутен кич.

„Тоа е дел од романската историја, спротивно на модерната архитектура каква што ја наметнува државата“, вели тој.

Покривите, на пример, кои со формите потсетуваат на азиски храмови, всушност се „претерување“ во типичните романски архитектонски елементи, објаснува Греф.


Стиловите се разликуваат од регион до регион. Во централна Романија ромските палати се инспирирани од католички цркви, на југозапад се копии на неокласицистички зданија, а на исток и југ се интерпретации на традиционалната архитектура на поранешната аристократија.

Но, едно им е заедничко, напоменува Греф – се градат за сопствениците да се фалат со успехот.

Понекогаш се и копии на постојни згради, како една во селото Бузеску, стотина километри јужно од Букурешт. Таму Дан Финуту, богат член на локалната ромска заедница, својата куќа ја моделирал по зградата на судот на кој бил осуден за измама во 90-тите години од минатиот век.

Злато и сиромаштија

„Изворите на финансирање на тие палати не се баш јасни“, изјави Греф.

Многу сопственици во Бузеску велат дека парите ги заработиле тргувајќи со покрупен отпад, а со тоа се занимаваат и денес. Други тврдат дека работеле во странство.

Со падот на комунистичкиот режим, кој ги принудувал на асимилација, законски им било олеснето да дојдат до заработка. Костика Станку, водач на ромската заедница во Бузеску, појавата на првите „палати“ ја поврзува со тоа што на Ромите им бил вратен дел од златото што комунистите им го заплениле.


Ромите традиционално подаруваат златници при раѓање на дете или на свадба. Златниците се пренесуваат генерациски, а многу Ромки ги претвориле во ѓердани.

Меѓутоа, режимот на Николај Чаушеску во 1978 година донел декрет со кој службено сите Романци, но првенствено насочен кон Ромите, морале своето злато да го предадат на властите. Во повеќето случаи предавањето било документирано, што ја олеснило постапката за враќање на ромското злато.

Скапо одржување

Бузеску има 4.000 жители и десетици „палати“ долж главната улица, на воодушевување на туристите во минување. Поголемиот дел од двата милиони романски Роми, односно околу 10 проценти од вкупното население, и понатаму се сиромашни.

Дури и сопствениците на мегаломанските кичести зданија често живеат во една или две соби, а големите салони украсени со мермер и злато ги чуваат за свечени прилики. Покрај тоа, многу од нив изгледаат напуштено.


„Одржувањето е многу скапо“, вели 72-годишник, кој живее во куќичка со градина. Додава дека денес се градат сè помалку „палати“, а оние чија изградба започнала тешко дека ќе бидат завршени.

Сопственичката на една од нив, која се претставила како Лидија, вели дека многу Роми заминуваат.

„Работите не се како порано. Луѓето заминаа во Букурешт или во странство. Сакаат да заработат и таму остануваат“, вели со горчина во гласот пред својата импозантна дворна порта.