Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се најде во центарот на вниманието откако синоќа фоторепортерите го фотографираа во Белата куќа со видливи модринки на десната рака, кои беа покриени со дебел слој шминка.
На фотографиите може да се забележат вени како ѕиркаат низ пудрата, а променетата боја на кожа брзо предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи. Независниот новинар Арон Рупар напиша на платформата Икс дека тоа е „најсилното обезбојување“ што некогаш го видел, додека бројни корисници се прашуваа колку ракувања се потребни за да се појават такви траги.

Меѓутоа, Белата куќа го повтори своето претходно објаснување. Портпаролката Керолајн Ливит истакна дека претседателот секојдневно се среќава и се ракува со повеќе луѓе од кој било од неговите претходници и дека видливите траги на неговата рака се резултат на неговиот интензивен јавен распоред и чести контакти.

Инаку ова не е прв пат да се забележат вакви промени на раката на Трамп. Во текот на изминатата недела, тој во повеќе наврати бил забележан со шминка на тој дел од раката, а набљудувачите исто така забележале дека изгледал исцрпено за време на говорот на неговиот член на кабинетот Ли Зелдин.
Трамп (79) е најстариот кој ја презел претседателската функција, а и претходно се соочувал со шпекулации за неговото здравје. Сепак, неговиот тим постојано порачува дека претседателот е во добра здравствена состојба и целосно фокусиран на извршување на своите должности.

И покрај официјалните пораки што го намалуваат значењето на фотографиите, истите повторно ги поттикнаа јавните шпекулации.












