[ВИДЕО] Полјачка разочарана од популарниот италијански град, го нарекла „најодвратниот во Италија“: „Валкан е и смрди“

Точка

19/02/2026

17:12

962

Големина на фонт

а а а

Социјалните мрежи се сè поважна алатка за планирање патувања, а туристите сè почесто врз основа на објави одлучуваат кои скриени бисери ќе ги посетат, а кои дестинации ќе ги прескокнат.

Токму затоа големо внимание привлече објавата на полската патописна инфлуенсерка која жестоко го критикувала познатиот италијански град Болоња.

Во видеото на ТикТок инфлуенсерката Каро, позната како „Karosolotravel“, не бирала зборови. Во описот Болоња го нарекла „најодвратниот град во Италија“ и дополнително ги појаснила причините за својата фрустрација. „Насекаде се чувствува мирис на урина, сè е целосно валкано и изгледа како со години да не е чистено“, порача младата туристка.

Бегство во Римини

На Инстаграм подетално објасни дека пред патувањето читала негативни рецензии за Болоња, но не ги сфаќала премногу сериозно бидејќи слични коментари слушнала и за Неапол и Венеција, кои, спротивно на очекувањата, многу ѝ се допаднале. Но со Болоња, тврди таа, не било така. „Болоња, за жал, беше ужасна“, истакна.


„Дојдов првенствено поради шпагетите болоњезе, но ми беше толку лошо што речиси ништо не можев да изедам! Зошто луѓето на ТикТок воопшто ја препорачуваат Болоња? Градот едноставно е одвратен!“, напиша таа. На крајот го скратила патувањето и „побегнала“ во Римини. Своето искуство го сумираше со зборовите: „Жал ми е што наместо ова не отидов во Верона или Фиренца. Никој нема да ми ги врати ни парите, ни времето, ни нервите“.

Поделени реакции

Нејзината објава предизвика вистинска лавина коментари, а интересно е што меѓу нив имаше и Италијанци кои се согласуваат со нејзиниот впечаток. „Целосно си во право, драга, и тоа ти го вели жителка на овој град“, напиша една жена. На видеото се осврна и локалниот политичар Џовани Фавија, коментирајќи: „Нашиот град е во сè полоша состојба“.

Сепак, мнозинството реакции беа сосема спротивни. Многу жители застанаа во одбрана на Болоња со пораки како: „Како се осмелуваш така да го осудуваш нашиот град?“ и „Остани дома“. Во одбрана на градот се јавија и бројни туристи, истакнувајќи дека Болоња е „неверојатен град“ во кој „прекрасно си поминале“.


Лавина навреди

Откако нејзиното видео стана вирално, инфлуенсерката се соочила со лавина навреди. Во разговор за италијанските медиуми им порача на критичарите дека подобро би било, наместо да испраќаат закани, да машини под висок притисок и да ги измијат улиците на својот град.

„Многумина се навредија. Ме мразат, прашуваат која сум јас да ја критикувам Болоња, ми велат дека сум грда. Ми испраќаат емотикони со ковчези во пораки и во коментари ми порачуваат повеќе да не се враќам и да останам дома. Тоа е страшно. Наместо да го видат вистинскиот проблем, подобро би им било да земат машина под висок притисок или кофа и четка и да одат во центарот на градот“, изјави за „Corriere di Bologna“.


Запуштен град со богата историја

„Среќна сум што моето видео за Болоња беше објавено. Многумина го потврдија моето мислење и се надевам дека тоа ќе доведе до подобрување на чистотата. Толку убав и историски богат град не може да биде толку запуштен“, рече таа.

Иако некои саркастично ја повикуваат да посети други, според нив, повалкани италијански градови, таа истакнува дека со години патува низ Италија.

„Искрено, виновни се луѓето, а виновна е и градската управа. Забележав дека пристигнав непосредно пред локалните избори, па се надевам дека по моето видео чистотата на градот трајно ќе се подобри“, додаде.


Споредба со Полска

Каро наведе и конкретен пример од својата татковина. „Кај нас во Полска, во градовите што ги посетуваат многу туристи, улиците секоја ноќ се мијат со вода под висок притисок, како и автобуските станици, особено во туристичките зони, во близина на споменици и во историското јадро. Навистина е потребно малку за сè да се промени. Живееме во 21 век, чистотата е клучна во секој поглед“, објасни таа.

Каро, која по професија е и новинарка, вели дека по сè треба повеќе да пишува за негативните страни на градовите, ако нејзиниот глас може нешто да промени. На своите критичари на крајот им порача: „Не сакав никого да навредам. Едноставно го изразив своето мислење за она што го видов. Ако некој поради тоа се навредил, тоа не е мој проблем. Туристите мора да плаќаат туристичка такса и затоа очекувам барем пристојна чистота на улиците“.