[ВИДЕО/ФОТО] Кога се родил бил помал од една дланка и полесен од табла чоколадо: Лекарите не му давале никакви шанси за живот, а денес е Гинисов рекордер

Кармин

15/12/2025

17:15

878

Големина на фонт

а а а

Кога Наш Кин дошол на свет, дури 133 дена пред предвидениот термин, лекарите биле речиси сигурни дека нема никакви шанси да преживее. Неговата мајка Моли и таткото Рендал не сакале да се откажат, а благодарение на нивната упорност, љубов и заедничката борба со лекарите, нивната приказна денес инспирира луѓе ширум светот.

Сè започнало кога Моли Кин дознала дека грлото на матката ѝ се отворило уште во 20-та недела од бременоста. Лекарите ѝ го кажале она што ниту една бремена жена не сака да го слушне: ако бебето се роди пред 22-та недела, шансите за преживување се речиси никакви. Но, Моли одбила да прифати пораз.

Семејството решило да побара помош во Детската болница при Универзитетот во Ајова, каде што лекарите се познати по тоа што се борат и за најмалите можни шанси за живот. Неколку дена подоцна започнале контракциите и тогаш започнала вистинската драма на предвременото породување.


Наш е роден на 5 јули 2024 година, со само 283 грама – лесен како голема чоколада или поголемо јаболко. Веднаш бил приклучен на апарати и ставен во инкубатор, по што започнала најдолгата борба на овој мал херој.

Шест месеци поминал во одделот за интензивна нега, а неговите родители секој ден живееле помеѓу надежта и стравот. Сепак, Наш ги победил сите прогнози и во јануари бил пуштен дома, во Енкени, сојузна држава на Ајова. Пред само неколку дена го прославил својот прв роденден, станувајќи и официјално рекордер во Гинисовата книга на рекорди како најпредвремено родено дете во светот кое преживеало и наполнило една година.


Го прославил првиот роденден

И понатаму му е потребна поддршка со кислород и хранење преку сонда, но неговата мајка со гордост истакнува дека синот напредува, станува сè посилен и секојдневно учи нешто ново.

„Почна да се врти, да препознава гласови, да се смее и да се обидува да стане“, вели Моли, со очи полни со солзи радосници.


Лекарите и понатаму не го кријат своето изненадување. Бебе родено толку рано најчесто се соочува со сериозни здравствени проблеми и ретко доживува да ја напушти болницата. Кај Наш ситуацијата е поинаква – тој е малку побавен во развојот, но неговата состојба е стабилна, а прогнозите се одлични.

„Тој е неверојатно упорен и љубопитен, а згора на тоа и среќно дете“, раскажува Моли низ смеа. Таа истакнува дека престојот во болница не го направил плашлив – напротив, Наш е мирен и послушен, а по карактер сосема свој.

Лекарите од Ајова нагласуваат дека ваквата приказна е резултат на исклучителна соработка меѓу семејството и медицинскиот тим. Семејството Кин било целосно свесно за сите ризици, а докторката Малинда Шефер, гинекологот што ја породил Моли, секогаш била искрена со родителите.


„Мораме да бидеме отворени и никогаш да не даваме лажна надеж, затоа што последиците од секој исход родителите ги носат цел живот“, објасни докторката.

Во текот на првиот месец, Наш поминувал низ секојдневни предизвици – дишењето било под постојан надзор, храната се внесувала преку инфузија, а борбата со инфекциите не престанувала. Моли истакнува дека најголемата лекција од сè била довербата во лекарите. Медицинскиот тим секогаш бил смирен, што на родителите им значело многу за да издржат ден за ден.

Не треба да се губи надежта

По излегувањето од болницата, животот на семејството започнал одново. Наш сега спие речиси цела ноќ, љубопитно го набљудува светот околу себе, а родителите се подготвуваат наскоро да му воведат кашички. Лекарите велат дека, иако сè уште му е потребна сонда за исхрана и има помал срцев проблем, тој напредува побрзо отколку што можеле да замислат.


„Ја гледаш таа сила во неговите ножиња кога се обидува да стане. Тоа е навистина неверојатно“, искрено признава Моли.

Неговите лекари веруваат дека Наш има големи шанси еден ден да ги достигне своите врсници. Сепак, нагласуваат дека не треба да се споредува со други бебиња.

„Неговиот пат е целосно уникатен“, порачуваат експертите. Сè повеќе деца родени екстремно рано преживуваат, но секој случај е херојски подвиг на целото семејство и медицинскиот тим.


Пред Наш, Моли и Рендал поминале низ болна загуба – еден спонтан абортус. Тогаш ја откриле и дијагнозата на Моли, која ѝ го отежнувала изнесувањето на бременоста до крај. Затоа раѓањето на Наш е повеќе од чудо – тоа е нова надеж, лек за тагата и инспирација за илјадници семејства ширум светот.

Денес, малото момче со големи очи и челичен карактер е центарот на светот на своите родители. Неговиот прв роденден бил многу повеќе од обична прослава – бил потсетник дека чудата се случуваат и дека никогаш не треба да се губи надежта.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk