Мис Финска, Сара Џафце, која е со потекло од Косово, ќе остане без својата титула откако на социјалните мрежи почнала да кружи фотографија поради која е обвинета за расизам.
Имено, таа на фотографијата ги затегнува очите, а во описот на фински јазик наведено е „kiinalaisenkaa syömäs“, што може да се преведе како „јадење со Кинез“.
Многумина ова го протолкувале како да ги исмева Кинезите. Таа навела дека ги затегнувала очите поради тоа што имала силна главоболка.

Од организацијата избор за Мис Финска соопштиле дека не прифаќаат расизам или дискриминација во било каков облик. Исто така се извиниле поради овој „инцидент“ и додале дека на манекенката ѝ ја одзеле титулата.
Како последица на оваа одлука, Тара Лехтонен, која во септември завршила второпласирана, ќе биде новата Мис Финска.

Сара Џафце после сето ова организирала конференција за медиумите на која, меѓу другото упатила и извинување.
„Многу ми е жал за сите кои се навредија и кои ги повредив со своите постапки на социјалните мрежи“, навела манекенката.




