Малечка, богата со содржини, пристапна, зелена… Главниот град на Словачка, Братислава, е совршена дестинација за патување, без разлика дали планирате кратко бегство за викенд или пак релаксирано, подолго истражување на градот и неговата околина.
Без разлика која опција ќе ја изберете, овој „мал голем град“, како понекогаш го нарекуваат, дефинитивно нема да ве разочара. На неговите улици, реки и паркови секој ќе најде нешто за себе, без разлика дали сте љубител на историја, добра храна или, на пример, велосипедист.
Но, дали, на пример, знаете дека словачката престолнина е единствениот главен град во светот кој граничничи со две држави? Во продолжение, ви донесуваме интересни факти за Братислава кои можеби не сте ги знаеле!
Братислава се наоѓа на крстосница на Панонската рамнина и Малите Карпати
Братислава се наоѓа во југозападниот дел на Словачка, на брегот на Дунав и покрај работ на Малите Карпати. Во овој простор, рамничарскиот терен постепено преминува во ридско подрачје, па веќе во самата урбана структура може да се забележи средбата на Панонската рамнина и планинската заднина.

Дунав во минатото имал важна стратешка и економска улога, па ја определувал насоката на развојот на градот и создавал услови за неговата поврзаност со другите средноевропски центри. Од друга страна, положбата покрај планините овозможила проширување на градот кон позелените предели, што и денес го обликува неговиот карактер и му дава препознатлива топографија со благи височини кои се влеваат во градското ткиво.
Со кои држави се граничи и колку границите се оддалечени од центарот на градот?
Братислава зазема посебно место во Европа, и според историјата, и според географијата. Имено, станува збор за единствениот главен град во светот кој непосредно граничи со две држави: Австрија на запад и Унгарија на југ. Оддалеченоста до австриската граница е само неколку километри од административната линија на градот, околу четири километри. И границата кон Унгарија се наоѓа многу блиску, приближно 13 километри од одредени квартови на Братислава.

Таквата положба овозможува од центарот на градот за кратко време да се стигне до територијата на соседните држави. Тоа не е ограничено само на возење со автомобил или велосипед, туку во одредени делови е можно границата да се премине и пеш. Дополнителна посебност дава фактот што Виена е оддалечена околу 60 километри, што ги става Братислава и австриската престолнина меѓу најблиските соседни главни градови во Европа.
Секоја година го посетуваат милион туристи
Според податоците од 2021 година, во Братислава живеат нешто помалку од 437 илјади луѓе, а секоја година ја посетуваат околу еден милион туристи. Многу интересно, бројот на луѓе во градот во текот на секој работен ден се зголемува за дури 250 илјади. Толку работници, според достапните податоци, секојдневно доаѓаат во овој град од околината и од останатите делови на земјата.

Уште една информација која ќе ги развесели оние кои планираат да ја посетат Братислава
Уште една информација која особено ќе ги развесели сите кои планираат да ја посетат Братислава се однесува на трошоците за престој во градот. Иако Братислава и нејзината околина се сметаат за еден од најбогатите региони во целата Европска унија, со БДП по глава на жител кој достигнува околу 180 проценти од европскиот просек, ситуацијата на терен воопшто не личи на онаа во најскапите метрополи на Западот.

И покрај силната економија и брзиот развој, главниот град на Словачка сè уште е изненадувачки ценовно достапен. Престојот во хотел или приватен сместувачки објект често е поевтин отколку во другите популарни европски главни градови, а цените на храната, транспортот и влезниците за музеи или културни атракции ретко претставуваат товар за буџетот на патникот.
Најмладиот главен град во ЕУ со мост „Чак Норис“
Братислава е исто така еден од најмладите главни градови на стариот континент и најмлад во ЕУ. Имено, тоа станала дури во 1993 година. Исто така, може да се пофали со тоа што еден од нејзините мостови го носи името на Чак Норис. Сепак, тоа не е официјално име – формално се вика Мост на слободата, но малкумина го познаваат под тоа име.

За многумина, тој и понатаму е Мостот на Чак Норис, бидејќи токму тоа име победи во двомесечна анкета, чиј резултат властите на крајот сепак не го прифатија. За информација, името Чак Норис добило повеќе од 12 илјади гласови, додека предлогот на законодавците, со кој на крајот бил именуван, добил само 500.











