Замислете удобно да седите покрај прозорецот на топол воз кој се пробива низ снежните региони на далечниот север, додека надвор се одвива еден од најмагичните природни феномени во светот.
Норвешка долго време е позната како најпосакуваната дестинација во светот за лов на аурора бореалис (поларна светлина), но сега тоа искуство го крева на сосема ново ниво. Имено, лансиран е специјален ноќен панорамски воз кој ги носи патниците директно во срцето на арктичката дивина, пренесе „putnikofer.hr“.
Првата станица е норвешкиот град Нарвик
Возот тргнува од Нарвик, град окружен со стрмни планини и фјордови на далечниот север од Норвешка. Возењето се одвива по историската железничка пруга Офотен, изградена пред повеќе од 100 години низ брутално тежок терен. Денес, оваа рута е една од најубавите железнички рути во Европа, но е особено прекрасна ноќе, кога небото над Арктичкиот круг е осветлено во нијанси на зелена, виолетова и сина боја.
Уникатна потрага по еден од најфасцинантните феномени во светот
„Придружете нѝ се на ова уникатно патување по историската пруга Офотен, далеку од светлосното загадување на градот. Ова не е само какво било возење, туку е уникатна потрага по еден од најспектакуларните природни феномени, аурора бореалис. Окружени со темното ноќно небо, ќе имаме можност да ја видиме поларната светлина“, велат од туристичката агенција „Norwegian Travel“, на чија веб-страница можете да ги најдете сите дополнителни информации и да купите билети.
„Нашата прва станица ќе биде во шведското погранично место Бјорнфјел. По кратка пауза, ќе го продолжиме нашето патување кон Катерат, планинска станица која се наоѓа на 373 метри надморска височина. Таму ќе го напуштиме возот и ќе зачекориме во тивката арктичка ноќ, собрани околу логорски оган под отворено небо“, велат од агенцијата.

Тие додадоа дека за време на патувањето, нивниот водич ќе им служи на патниците топли пијалаци и свежи колачи, додека заедно ја исчекуваат поларната светлина. По завршувањето на дружбата, групата повторно ќе се качи на возот и ќе се врати во Нарвик, со надеж дека патниците ќе понесат со себе не само фотографии, туку и спомени од искуство кое ќе го паметат цел живот.
Најсилниот адут на норвешкиот туризам
Поларната светлина (аурора бореалис) со години е еден од најсилните адути на норвешкиот туризам, а организираните на викенд-аранжмани за лов на поларната светлина станаа вистински хит меѓу патниците од целиот свет. Меѓутоа овој воз нуди нешто многу посебно: впечаток на патување низ просторот и времето во кое природата ја презема главната улога, а човекот станува нем сведок на нејзината моќ и убавина.

Комбинацијата од драматични арктички пејзажи, историска рута што се протега низ дивината на северот и природниот светлосен спектакл на небото над неа, го прави ова патување едно од најпосебните искуства што може да се доживеат во Европа оваа зима.
Корисни информации
Времетраење на патувањето: околу 3 часа
Достапни поаѓања: од 17 декември 2025 до 31 март 2026 година
Цена на пакетот: околу 127 евра
Вклучено во цената: билет за воз, лиценциран водич што зборува англиски, закуски и пијалаци за време на патувањето и краток документарец за феноменот на поларната светлина.













