[ФОТО] Кејт Мидлтон повторно воодушеви со стилот! Заблеска во раскошна тоалета и круна со 2.600 дијаманти на банкет во замокот Виндзор

Точка

04/12/2025

16:01

333

Големина на фонт

а а а

Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, воодушеви со својот изглед на државниот банкет во чест на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, која се одржа вчера во замокот Виндзор.

Настанот беше организиран во рамките на тридневната државна посета, која е прва германска посета на овој ранг во Обединетото Кралство по цели 27 години.

Инаку ова е третиот „тијара-момент“ на принцезата во 2025 година, но и највпечатливиот досега. Таа за првпат ја носеше ориенталната круна на кралицата Викторија, позната по своите 2.600 дијаманти и по историјата што ја поврзува токму со Германија, родната земја на принцот Алберт.

Принцезата избра сјајна синa тоалета на Џени Пекам со бисерни обетки што ѝ припаѓале на покојната кралица Елизабета Втора. На себе ги носеше и Кралскиот семеен орден и лентата со ѕвездата на Кралскиот викториски орден.


Круната што ја носеше вечерта има долг пат низ историјата. Кралицата Александра некогаш ги заменила оригиналните опали со рубини, а круната ја носеле и кралицата-мајка и кралицата Елизабета Втора — но само еднаш, во 2005 година за време на посетата на Малта. Ова појавување на Кејт Мидлтон ја означи првата јавна појава на оваа тијара по две децении.

На банкетот присуствуваа и кралот Чарлс, кралицата Камила, принцот Вилијам, принцот Едвард и војвотката од Единбург, како и принцезата Ана со сопругот Тим Лоренс. Во почесниот ред се најдоа и познати личности меѓу кои манекенката Клаудија Шифер, композиторот Ханс Цимер и детскиот писател Аксел Шефлер.

Банкетот се одржа на импресивната трпезарија долга 45 метри, украсена со сезонско зеленило и огромна новогодишна елка со цел да се долови празнична атмосфера за германските гости. Масата беше подготвена за 152 гости, со вкупно 760 чаши, над 300 ножеви, ист број вилушки и 158 свеќи.


Менито содржело јадења од кралските имоти, меѓу кои и патка од Виндзор, а послуженото вино — „Шато ла Флер-Петрис“ од Померол, берба 1995 — беше симболичен избор, година во која германскиот претседател и неговата сопруга ја склучија брачната заедница. Се служел и специјален коктел инспириран од германската „Црна шума“, со ароми на вишна и чоколадо.

Со ова појавување, принцезата од Велс го продолжи својот впечатлив камбек во јавниот живот по здравствените предизвици во 2024 година, кога најави дека е во ремисија од канцер.