Интернетот е преполн со совети за тоа кои суплементи треба, а кои не треба да се комбинираат, но нутриционистите истакнуваат дека одредени хранливи материи всушност имаат посилен ефект кога се земаат заедно. Комбинираното делување на одредени витамини и минерали може да донесе дополнителни бенефити. Нутриционистите и диететичарите издвојуваат шест пара суплементи што се поефикасни во комбинација.
Витамин Д и калциум
Диететичарката и нутриционистка Џули Пејс објаснува дека витамин D и калциум делуваат синергиски, бидејќи витамин D овозможува подобра апсорпција на калциум во цревата. „Без доволно витамин D, телото не може ефикасно да го искористи калциумот, што е клучно за здравјето на коските“, додава таа за „Health“.
Витамин Ц и железо
Диететичарката Ерин Џовет наведува дека витамин C ја зголемува способноста на телото да апсорбира не-хемско железо со тоа што ја зголемува киселоста во дигестивниот тракт и го поттикнува претворањето на железото во полесно искористлива форма. Доволното ниво железо е важно за транспорт на кислород, за метаболизмот на мускулите и за спречување на анемија.

Цинк и витамин А
Диететичарката Аманда Кроу истакнува дека цинкот и витаминот А заедно го поддржуваат имунолошкиот систем. Цинкот овозможува синтеза на протеин што врзува ретинол и активира ензими кои го претвораат витаминот А во неговиот активен облик. Недостатокот на едната хранлива материја често оди рака под рака со недостаток на другата.
Омега-3 и витамин Е
Кроу објаснува дека омега-3 масните киселини се склони кон оксидација, а витаминот Е ги штити овие масти и клеточните мембрани, со што се поддржуваат нивните антиинфламаторни и кардиопротективни ефекти. Додава и дека и двата нутриента влијаат на згрутчување на крвта, па лицата кои користат антикоагуланси треба да се консултираат со лекар пред земање високи дози.

Селен и јод
Џовет нагласува дека селенот и јодот се клучни за правилна регулација на хормоните на тироидната жлезда, што е важно за метаболизмот, телесната тежина и расположението. Селенот учествува во претворањето на хормонот T4 во неговиот активен облик T3, додека јодот е неопходен за создавање на самиот хормон. Комбинираното делување на овие минерали може да ја поддржи функцијата на тироидната жлезда.
Витамин Д и магнезиум
Нутриционистката Џесика Брантли-Лопез објаснува дека витаминот D го поттикнува поефикасниот транспорт на магнезиум во телото, додека магнезиумот ја зголемува апсорпцијата и активацијата на витаминот D. Според Џовет, оваа комбинација создава повратен механизам што го поддржува здравјето на коските, расположението и имунолошката функција.











