Индиски астрономи открија масивна галаксија која неверојатно наликува на нашата Млечен Пат, а постоела пред дури 12 милијарди години – во период кога вселената била сè уште во своите почетни фази. Ова откритие, постигнато со помош на вселенскиот телескоп "James Webb", го доведува во прашање досегашното разбирање на формирањето галаксии во раната епоха по Големата експлозија, пишува "BBC".
Неочекувано откритие
Истражувачите Раши Џеин и Јогеш Вададекар ја проучувале раната историја на универзумот кога, како што велат, налетале на „целосно оформена спирална галаксија – масивно, прекрасно структуриран космички трк“. Нивното истражување е објавено во ноември во водечкото европско списание "Astronomy and Astrophysics".
„Галаксијата изгледа извонредно слично на нашиот Млечен Пат, иако постоела кога универзумот бил стар само 10% од денешната возраст“, изјави професорот Вададекар, додавајќи дека ја нарекле Алакананда, по хималајската река.
Галаксијата прва ја забележала Раши Џеин, докторанд во Националниот центар за радиоастрономија при Институтот Тата (NCRA – TIFR). Џеин вели дека била „навистина возбудена“ кога ја открила галаксијата разгледувајќи податоци од телескопот "James Webb".
„Го проверував каталогот со 70.000 објекти и само еден од нив беше спирална галаксија со голем дизајн, со дијаметар од приближно 30.000 светлосни години“, објасни таа. Тоа значи дека галаксијата имала два симетрични краци што излегуваат од централниот диск. „Можевме да го видиме типичниот образец на ’низи од бисери‘ – збиени јата ѕвезди долж краците, исто како што денес гледаме во блиските спирални галаксии.“

Предизвик за постојните теории
Кога го споделила откритието со својот ментор, професорот Вададекар, неговата прва реакција била неверување. Според досегашните сознанија, универзумот во тоа време – таканаречената космичка зора – бил хаотичен, со мали, неправилни и малку масивни галаксии.
„Воодушевувачки е како толку голема галаксија со спирални краци можела да постои само 1,5 милијарди години по Големата експлозија“, изјави тој за "BBC". „Оваа галаксија морала да собере 10 милијарди сончеви маси од ѕвезди и истовремено да оформи голем диск со спирални краци во само неколку стотини милиони години. Тоа е неверојатно брзо по космички стандарди.“
Професорот додава дека Алакананда е „нешто сосема поинакво“. „Масивна е, голема колку една третина од Млечниот Пат и има околу 10 милијарди ѕвезди. Формира нови ѕвезди со брзина која е 20 до 30 пати поголема од сегашната стапка на формирање ѕвезди во нашата галаксија.“

Поглед во далечното минато
Откритието на Алакананда се приклучува на сè поголемиот број докази што ги обезбедува телескопот "James Webb" – докази кои сугерираат дека раниот универзум бил многу позрело место отколку што се мислеше. „Наоѓањето толку добро оформена спирална галаксија толку длабоко во минатото е ретка исклучок, но токму таквите исклучоци ги предизвикуваат нашите теории за тоа како галаксиите се формирале и развивале“, вели Џеин.
Важно е да се спомене дека информациите од оваа галаксија потекнуваат од пред 12 милијарди години – толку време ѝ требало на нејзината светлина да дојде до Земјата. Затоа ја гледаме онаква каква што била во далечната космичка историја. На прашањето каде е сега, професорот Вададекар духовито одговара: „Кога ме прашуваат каде е денес, им велам – почекајте уште 12 милијарди години за да дознаете.“
Научниците сега планираат да поднесат барање за дополнителни набљудувања за подобро да разберат како оваа новооткриена галаксија успеала толку брзо да ги оформи своите спирални краци. Зашто, велат, токму во минатото се наоѓаат клучевите за нашата сегашност и иднина.















