Додека повеќето четиринаесетгодишници прават хартиени авиони, Мајлс Ву од Њујорк создава оригами-форми кои, според него, еден ден би можеле да спасуваат животи во ситуации на катастрофи, пишува „Саенс алерт“.
Тинејџерот освои 25.000 долари за својот научно-истражувачки проект заснован на оригами-преклопот миура-ори, познат по своето прецизно собирање и лесно распоредување.
„Правам оригами како хоби повеќе од шест години – најчесто животни и инсекти. Во последно време почнав да дизајнирам свои форми“, изјави Ву за магазинот „Бизнис инсајдер“.
Проектот, кој ја освои главната награда на натпреварот „Термо Фишер Сајентифик јуниор иновејторс челинџ“, го насочил Ву кон проучување на соодносот меѓу цврстината и тежината кај миура-преклопот и неговата можна примена во структури за итни случаи – како привремени засолништа.
14-летний американский школьник Ву выиграл $25к за создание оригами такой формы, которая выдерживает вес в 10к раз больше самого оригами. Есть Эйфелева башня, Шуховская башня, теперь будет Вувская или Вуева pic.twitter.com/Eqtf03wl5T
— Новости. Как есть (@nourlnews) November 30, 2025
Тинејџерот тестирал различни видови хартија, различни висини, ширини и агли на паралелограмите што го сочинуваат преклопот. Вкупно направил 54 варијации и спровел 108 тестирања.
Идејата ја добил додека учел за природни непогоди – пожарите во Јужна Калифорнија и ураганот Хелен кој го погоди југоистокот на САД во 2024 година. Истражувал и како оригами се применува во наука, инженерство и медицина.
„Проблемот со сегашните склопливи структури, како што се шаторите за итни случаи, е тоа што ретко ги имаат сите три важни својства – да бидат цврсти, лесни и компактно склопливи. Миура-преклопот потенцијално може да го реши тоа“, објаснува Ву.
Откако прецизно ги исекол и ги свил моделите со специјална машина, тој ги поставувал меѓу заштитни прегради и постепено додавал тежина. На почетокот користел книги, а подоцна и тегови што му ги купиле родителите.
Првично претпоставувал дека најдобриот резултат ќе го дадат помали панели направени од потежок материјал. Но, резултатите го изненадиле: обичниот хартиен лист за печатење имал најголем сооднос меѓу цврстина и тежина.
„Најсилниот модел што го тестирав можеше да издржи повеќе од 10.000 пати поголема тежина од сопствената. Тоа е исто како њујоршко такси да превезува над 4.000 слонови“, вели Ву.
Exploring the power of origami-inspired engineering, 14-year-old Miles Wu tested 54 variations of the Miura-ori fold. His research might one day be used to develop strong, lightweight shelters that can be rapidly deployed in areas affected by natural disasters. #JuniorInnovators pic.twitter.com/wuKqjgSNU2
— Society for Science (@Society4Science) October 29, 2025
Победата не била лесна. За да учествуваат, учениците мора најпрво да бидат меѓу најдобрите 10% на локалните научни натпревари. Од околу 2.000 проекти, се избираат 300, па потоа 30 кои патуваат во Вашингтон на финалните предизвици.
„Не го гледаме само нивниот проект. Гледаме како решаваат проблеми, како се снаоѓаат, како соработуваат“, изјави Маја Аџмера, претседателка на Друштвото за наука, кое го организира натпреварот.
„Мајлс не само што имаше исклучителен проект – тој се истакна и како лидер. Ние ја бараме следната генерација иноватори.“
Ву и неговите родители планираат наградата да ја вложат во идното образование. Тој веќе размислува за развој на вистински прототип:
„Навистина сакам да изработам функционално засолниште за итни случаи базирано на мојот модел, нешто што би можело да се користи во реални услови и да им помогне на луѓето. А генерално, би сакал да продолжам со истражување на оригами-техниките – не само миура-преклопот, туку и други форми кои можат да најдат примена во различни области“, вели Ву.














