Кога бил дете, Микел Лопез Гарсија бил опседнат со школка која стоела во бањата на неговото семејство во Алмерија, југот на Шпанија. Неговите предци ја користеле така што дувале во неа за да ги предупредат жителите од надојдени реки и опасност од поплави.
Часовите поминати обидувајќи се да го извлече тој „карактеристично силен звук“ подоцна му се исплатиле. Минатата година, овој археолог, музиколог и професионален трубач успеал да засвири на осум древни труби направени од школки. Според него, нивните тонови откриваат дел од животот на луѓето кои живееле во североисточна Шпанија пред околу 6.000 години, пишува „Гардијан“.
Во заедничка студија со Маргарита Дијаз-Андреу од Универзитетот во Барселона, научниците тврдат дека 12 големи школки пронајдени во неолитски населби и рудници во Каталонија – датирани од крајот на V до почетокот на IV милениум п.н.е. – веројатно служеле за далечинска комуникација и како најран пример на музички инструменти.
Фактот што школките биле собирани само по природната смрт на морските полжави „Charonia lampas“ укажува дека не се користеле за јадење. Дополнително, нивниот отстранет врвен дел открива дека биле намерно прилагодени за да функционираат како дувачки инструменти.
За да ја потврдат хипотезата, научниците добиле дозвола да изведат акустични тестови на осум добро сочувани примероци. Во ноември 2024 година, Лопез Гарсија успеал да извлече „моќен и стабилен тон“, сличен по карактер на оној на современата француска хорна.
Но истражувачите сакале да откријат повеќе — дали школките имаат потенцијал за целосна музичка експресија. Со импровизации забележале дека звукот може да се обликува: со ставање рака во отворот тонот се менува, а дување со изговор на Т или Р ја менува бојата на звукот. На тој начин овие едноставни инструменти се покажале како најстарите претходници на денешните труби и тромбони.

Во трудот објавен во списанието „Антиквити“, научниците претпоставуваат дека школките се користеле како комуникациски алатки — меѓу заедници, или меѓу населби и земјоделци во околината. Дел од нив можеби ги користеле и работници во рудниците за варисцит, каде што биле пронајдени шест примероци.
Оваа технологија на создавање звук е една од најстарите познати во Европа. Најстарата досега пронајдена школка-труба со исти карактеристики потекнува од пештерата Марсулас во јужна Франција и датира од пред околу 18.000 години. Тоа значи дека речиси идентични инструменти биле во употреба со милениуми — сè до средината на минатиот век, кога семејството на Лопез Гарсија сè уште ја користело својата школка во Алмерија.
Каталонските школки, исто како онаа од Марсулас, имаат јасни карактеристики на музички инструменти. Според Лопез Гарсија, тие имале практична улога, но и доволно мелодиски потенцијал за да се користат за музичка експресија.
Како професионален трубач кој свири и џез и народна музика, тој признава дека овие древни инструменти го натерале да размисли за потеклото на музиката.
„Дали музиката првично била прашање на опстанок, како што претпоставуваат некои студии? Или е длабока потреба на човекот за изразување, поврзување и покажување љубов и чувства во рамки на групата?“, вели Лопез Гарсија.













