Случајно кршење на карпа на Марс доведе до спектакуларно откритие. Роверот „Curiosity“ на „НАСА“, минувајќи преку наизглед обична карпа, со своите тркала случајно ја разби нејзината надворешност и откри блескаво жолта внатрешност. Овој настан, кој се случил во мај 2024 година, открил наслаги од кристали чист елементарен сулфур – прв ваков пронајдок на Црвената планета, пишува „Science Alert“.
Иако сулфатите – минерали кои содржат сулфур – се прилично чести на Марс, откривањето сулфур во негов облик како чист елемент претставува големо изненадување. Уште повеќе возбудува фактот што каналот Гедиз Валис, каде што карпата е пронајдена, е преполн со слични објекти. Тоа укажува дека елементарниот сулфур на одредени подрачја на Марс би можел да биде изненадувачки изобилен.
Неочекувано откритие во каналот Гедиз Валис
„Да се пронајде поле од камења направени од чист сулфур е како да најдеш оаза во пустина“, изјави во јули 2024 година Ашвин Васавада, научник на проектот „Curiosity“ од Лабораторијата за млазно погонство на „NASA“. „Не би требало да биде таму, па сега мора да објасниме како е можно тоа.
Откривањето чудни и неочекувани работи е токму она што го прави планетарното истражување толку возбудливо.“ Сулфатите се создаваат кога сулфурот се врзува со други минерали во вода. По испарувањето на водата остануваат наслаги од сулфати, кои им откриваат на научниците детали за воденото минато на Марс и за процесите на ерозија.
Од друга страна, чистиот сулфур се формира само под многу специфични услови, за кои досега не се сметаше дека постоеле во оваа марсовска област. Ова откритие затоа сугерира дека во геолошката историја на планетата постои големо, сè уште неоткриено поглавје.

Траги од живот?
Сулфурот е клучен елемент за сиот познат живот, бидејќи учествува во создавањето на есенцијални аминокиселини. Иако пронаоѓањето чист сулфур не претставува директен доказ за живот, тој се придружува на сè подолгата листа откритија – вклучувајќи вода и органска хемија – кои потврдуваат дека Марс во минатото имал услови погодни за живеење.
Научниците сè уште немаат пронајдено дефинитивни докази за живот, но продолжуваат да го склопуваат мозаикот на можниот некогаш населив древен свет. Да не поминеше „Curiosity“ случајно преку кревката карпа и да не ја скршеше, ова откритие можеби уште долго ќе останеше скриено. Инструментите на роверот успеаја да го анализираат и потврдат составот на карпите, а следниот чекор е да се утврди како точно чистиот сулфур стигнал таму.
Тоа ќе бара детално моделирање на геолошката еволуција на Марс. Во меѓувреме, „Curiosity“ го продолжува своето патување низ каналот Гедиз Валис – древно речно корито што ја чува тајната на историјата на Марс стара милијарди години. За време на својата мисија, роверот досега собрал 42 примероци на карпи со помош на бушилката на својата роботска рака.

И другите роботи вредно работат
„Curiosity“ не е единствениот активен истражувач на Марс. Роверот „Perseverance“ на „NASA“, кој е на планетата веќе повеќе од пет години, исто така неуморно ја истражува површината. Како вистински љубопитно дете, тој запира за да ја разгледа секоја интересна карпа на својот пат, а неодамна откри една толку необична што научниците се сомневаат дали воопшто потекнува од Марс.
„Perseverance“ е и рекордер – на 19 јуни оваа година во едно единствено возење помина 411 метри, што е најдолгото растојание кое кое било роботско возило го поминало на друга планета за еден ден. Марсовските роботи се вистинско чудо на современата технологија. Тие ја претставуваат храброста на човечкиот дух, нашата издржливост, решителност и, секако, безграничната љубопитност за вселената во која живееме.













