Грција е најдобра дестинација за пензионирање. Земјата нуди разни бенефиции за пензионерите. Внимателно истражете ги најдобрите земји за пензионирање пред да се преселите.
Продажбата на својот дом и напуштањето на семејството и пријателите за нов живот во странство е голем чекор, кој бара сериозно истражување пред да се впуштите во него.
Месечниот магазин „International Living“ штотуку го објави својот Годишен глобален индекс за пензионери, кој ги оценува најдобрите дестинации за пензионери ширум светот во категории како што се трошоци за живот, здравствена заштита, домување, визи, клима и леснотија на интеграција.
Новата број 1 за 2026 година е сончевата земја во јужна Европа, чијшто илјадници живописни острови ја направија туристичка атракција, но „International Living“ истакнува дека таа има сè што е потребно и за траен престој.

„Подемот на Грција на првото место означува промена во погледите за европското пензионирање. Со години Португалија и Шпанија беа водечки, но неодамнешните промени во визите и растот на трошоците ги наведија пензионерите да бараат други опции. Грција сега го нуди она што многумина го бараат – убава, гостопримлива и достапна европска база со достапни опции за престој и стил на живот богат во секоја смисла“, вели Џенифер Стивенс, извршна уредничка на „International Living“.
Еве преглед на топ 5 земји во индексот за 2026 година, заснован на најновите податоци, како и на придонесот од глобалната мрежа на „International Living“ со повеќе од 200 експерти и иселеници:
1. Грција
Грчката програма „Златна виза“, која дава дозвола за престој на странци кои ќе вложат минимум 250.000 евра во недвижности, е една од најдостапните во Европа, вели „International Living“. Исто така е високо оценета во категориите клима, здравствена заштита и домување.
Патриша Махан и Ден Матарако од САД купиле куќа во селото Критса на Крит во 2023 година за 140.000 евра.

„Сакавме да се преселиме близу море, во достапно место“, изјавила Махан за „CNN“ минатата година.
Другите фактори кои влијаеле на нивната одлука биле желбата „да живеат на село, но и да бидат блиску до содржини како современи медицински установи, аеродром, неделни пазари, супермаркети и продавници од сите видови за уредување на домот“.

2. Панама
Панама предводи во индексот во категоријата визи/бенефиции за пензионери. Долго време привлекува американски пензионери, а нејзиниот „Pensionado Program“ нуди импресивни погодности: 50% попуст за забава, 30% за транспорт, 25% за авионски карти, 15% за медицински сметки и попусти на сè, од струја до ресторани.

„CNN Travel“ ја избрал Панама како една од најдобрите дестинации за посета во 2024 година, истакнувајќи го Панамскиот град како единствена светска престолнина со тропска прашума внатре во градските граници и стар кварт од светското наследство на УНЕСКО. Земјата има повеќе од десет национални паркови, вклучувајќи ја и највисоката точка на Панама.
3. Костарика
Костарика била број 1 во категоријата клима. Земјата сериозно се посветува на заштита на животната средина: 25% од територијата е заштитена прашума, а 99% од електричната енергија доаѓа од обновливи извори. Исто така, е една од ретките земји која ја намалува дефорастацијата, дом на 10.000 растителни видови и 850 видови птици.

Полуостровот Никоја е еден од само петте „сини зони“ во светот, познати по долговечноста на населението. Иако не е во пензионерски години, Американката Кема Ворд-Хопер се преселила со семејството во 2018 година, по лекување од рак на дојка.
„Здравствените придобивки на сината зона се покажуваат подоцна во животот, но забележавме дека тука се чувствуваме подобро. Нашето срцево и белодробно здравје функционира подобро“, изјавила таа за „CNN“ во 2025 година.
4. Португалија
Португалија е втора земја по квалитет на здравствена заштита (по Франција) и високо котира во категориите клима и развој/уредување.
Земјата го укинала програмот „Златна виза“ за развој на станбени објекти, но остануваат другите инвестициски визи. „International Living“ наведува дека за повеќето пензионери идеална е стандардната D7 „пасивна“ виза, која бара доказ за постојан приход, а не големи инвестиции.

Американката Синтија Вилсон и нејзиниот сопруг Крејг Бјорк добиле D7 виза и во 2022 година се преселиле во мало место Мариња Гранде на Сребрениот брег, близу познатата плажа за сурфање Назаре.
„За Американците е поевтино да живеат овде, ако не се во Лисабон, Порто или Алгарве. Тие места се како обид за живот во Сан Франциско или Менхетн“, изјавила Вилсон во 2024 година.
5. Мексико
„Веќе околу еден милион Американци и Канаѓанци го сметаат Мексико за свој дом – најголемата популација на иселеници во Северна Америка, каде било во светот“, велат од „International Living“.
Мексико е високо оценет по визите/бенефициите за пензионери и по развојот и инфраструктурата.
„Автопатите се одлични, интернетот брз, инфраструктурата модерна. Покрај тоа, многу ниски трошоци за живот, врвна здравствена заштита и лесен пристап до престојот“.
Џенет Блезар од Њујорк се преселила од Калифорнија во Мексико пред 20 години.
„Стигнав во Мазатлан и, звучи клише, но лесно беше да запознаеш луѓе, се чувствував добредојдена и како да можам да го остварам тоа“.












